Кевин-Принс Боатенг го повика Кристијано Роналдо да се повлече од стартниот состав на португалската репрезентација и да им отстапи место на помладите играчи.
Оваа изјава доаѓа по ремито на Португалија против ДР Конго (1:1) на отворањето на Светското првенство.
Роналдо настапи како стартер на натпреварот во Хјустон и постави рекорд како највозрасен фудбалер во поле кој започнал натпревар на Светско првенство. Сепак, неговиот настап беше оценет како разочарувачки, бидејќи не упати ниту еден удар во рамките на голот.
Поранешниот репрезентативец на Гана смета дека присуството на Роналдо го спречува Португалија да го покаже целиот свој потенцијал и дека тимот подобро функционира без него.
Боатенг оцени дека Роналдо веќе го поминал својот врв и дека треба да влегува во игра во последните 15 до 20 минути, наместо да биде стартер.
„Може ли да бидам искрен? Ако Роналдо беше вистински тимски играч, ќе се повлечеше и ќе им дозволеше на помладите играчи да се развиваат, бидејќи Португалија е подобар тим без него. Постои голем притисок кога тој е во средината, затоа што сите сакаат да му ја додадат топката. Го разбирам тоа. Сум играл со големи играчи како него. Секогаш сакате да се фокусирате на таков играч и да му дозволите да постигнува голови. Знам дека брка рекорди. Ги собори сите“, изјави Боатенг.
Потоа додаде дека и самиот бил голем почитувач на Португалецот, но смета дека времето на Роналдо како незаменлив стартер поминало.
„Бевме негови големи навивачи. Но, ако Португалија сака да има шанса да стигне далеку, верувам дека Роналдо треба да се повлече, да им дозволи на другите да играат и да влегува во последните 15-20 минути. На крајот, сите доаѓаме во години кога повеќе не можеме да играме на тоа ниво. А тие години за него веќе дојдоа, да бидам искрен“, порача Боатенг.
Португалија во следното коло ќе мора да покаже далеку подобро издание доколку сака да ја оправда улогата на еден од фаворитите на Мундијалот.





