Два земјотреси, едниот со јачина од 4,6 степени, а вториот, шест минути подоцна од 5,3 степени според Рихтер беа регистрирани во морскиот дел кај малиот грчки остров Гавдос, јави дописничката на МИА од Атина.
Според Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, епицентарот и на двата земјотреси бил на шест и седум километри североисточно од отровот, односно во морскиот дел меѓу Гавдос и Крит.
Локалните медиуми пишуваат дека земјотресите биле почувствувани и во делови на Крит, особено во градовите Ретимнос и Ханија, а засега нема информации за повредени или причинета материјална штета.
Државната телевизија ЕРТ објави дека припадници на противпожарната служба, превентивно патролираат и на Гавдос и на Крит.
Грчкиот сеизмолог Герасимос Пападопулос преку социјалните мрежи коментираше дека сè уште е многу рано да се процени дали површинскиот земјотрес со магнитуда од 5,3 степени е главниот земјотрес, но и дека конкретната областа „има значителен сеизмички потенцијал“, потсетувајќи дека на 14 мај 1959 година, малку поисточно од истото подрачје, бил регистриран силен земјотрес со јачина од 6,3 степени.
Фото: Принтскрин




