Властите на Крим и на градот Севастопол денеска донесоа одлука за прогласување регионална вонредна состојба со цел побрзо решавање на насобраните економски проблеми – соопшти гувернерот на Крим, Сергеј Аксјонов, пренесува агенцијата ТАСС.
„Заедно со гувернерот на Севастопол, Михаил Владимирович Развожаев, донесена е одлука за потпишување указ за прогласување регионална вонредна состојба во Република Крим и во градот Севастопол. Оваа одлука е донесена првенствено заради решавање на економските прашања, напиша Аксјонов на својот канал на Телеграм.
Вонредната состојба стапи во сила денеска во 13 часот по московско време. Гувернерот објасни дека правната рамка што ја носи вонредната ситуација овозможува најефикасно решавање на прашањата поврзани со стабилното функционирање на сите области од кои зависи егзистенцијата на населението.
Аксјонов претходно апелираше до граѓаните да користат „здрав разум“, да не им подлегнуваат на гласините и да не шират лажни информации за недостигот на гориво во регионот. Тој напомена дека дефицитот на нафта на Крим и понатаму е акутен, но нагласи дека сојузните и регионалните власти интензивно работат на негово решавање, иако голем дел од преземените мерки не се јавно објавени.
– Ги повикувам жителите на Крим да не веруваат во гласини и да не ги шират, да не им се препуштаат на емоциите, туку да користат здрав разум. Ве потсетувам дека главната цел на непријателот е застрашување и ширење паника, вклучително и преку лажни вести и протекување информации, се наведува во пораката на Аксјонов. Тој исто така им се заблагодари на граѓаните за единството и меѓусебната помош, додавајќи дека локалните власти веќе ги презеле неопходните мерки за да осигураат целосна безбедност.
Поради новонастанатата ситуација, сообраќајот за патнички возила на Кримскиот мост беше целосно затворен од синоќа во 23:50 часот до утрово во 06:14 часот по московско време. Околу 9 часот наутро во ред чекаа 2.800 возила, но таа бројка подоцна благо опадна на 2.100. Сепак, колоната на приодот кон Кримскиот мост од правец на Керч достигна 2.450 возила, а времето на чекање изнесува повеќе од пет часа, објави информативниот канал „Макс“.
Прекините во снабдувањето со електрична енергија продолжуваат да го мачат Севастопол, најголемиот град на Крим под руска контрола, по повторените и засилени украински напади врз полуостровот.
Гувернерот на градот назначен од Кремљ, Михаил Развожаев, вчера изјави дека се воведени рестрикции низ целиот град и ги повика жителите да го намалат оптоварувањето на електродистрибутивната мрежа. Командант на украинските сили за беспилотни летала, Роберт Бровди, изјави дека Киев ја нападнал главната трафостаница во Севастопол седум пати во раните часови во средата.
Во последните недели, Украина ги засили своите воени напори таму, што го одразува поширокиот притисок на Киев врз Кремљ. Таа кампања го преврте секојдневниот живот на жителите на полуостровот, резултирајќи со чести напади со дронови, забрана за продажба на гориво за обичните граѓани и откажување на летните кампови за деца.
Руската регионална власт на Крим во неделата соопшти дека горивото ќе биде достапно само за државните институции, а не и за обичните луѓе или за бизнисите. Жителката на Севастопол – која побара да остане анонимна од безбедносни причини – изјави за Си-Ен-Ен дека на бензинските пумпи нема гориво, но дека јавниот превоз сè уште функционира.




