Германскиот производител на автомобили „Мерцедес-Бенц“ подготвува нови мерки за намалување на трошоците, додека „Фолксваген“ потврди дека работи на радикални планови за реструктуирање, кои според медиумските извештаи би можеле да донесат масовен бран отпуштања, пренесува агенцијата ДПА со увид во интерните одлуки на компаниите.

„Мерцедес“ во јули требаше да им исплати посебен додаток на работниците, но исплатата е одложена за следната година, се наведува во одлуката за која управата ги известила вработените преку писмо. Овој „трансформациски додаток“ изнесува 18,4 отсто од редовната месечна плата, но вкупната сума за исплата засега не се соопштува.

Управата во писмото посочува дека структурните трошоци во Германија, а особено трошоците за труд, веќе не се меѓународно конкурентни. Поради тоа, во наредните недели планираат да разговараат со работничкиот совет за можно продолжување на работното време, но без дополнителна плата. Вработените во моментов, согласно колективниот договор, работат 35 часа неделно.

Раководството нагласува дека е неопходно „да се продолжи со работа со полна пареа на намалување на трошоците“ со цел да се одржи конкурентноста, со предупредување дека „ситуацијата во Германија денес е драматична“. Според нивните тврдења, лансирањето на нови производи во Германија и доделувањето на работите на германските погони по правило само дополнително ја влошува трошковната конкурентност на компанијата.

„Мерцедес“ веќе подолго време бележи слаби деловни резултати. Во првиот квартал од оваа година добивката им беше за 17,2 отсто пониска во споредба со истиот период минатата година. Во текот на целата 2025 година таа беше речиси преполовена, спуштајќи се на 5,3 милијарди евра, а пад беше забележан и во 2024 година. Управата го припишува овој пад на царините, неповолните валутни курсеви и силната конкуренција во Кина.

Истовремено, групацијата „Фолксваген“ подготвува значително порадикални мерки за штедење, пишува германскиот магазин „Менаџер“. Компанијата потврди дека работи на план за реструктуирање, но засега одбива да открие детали за поригорозните мерки. Целта е групацијата да стане поефикасна, „попрецизна“ и темелно да го искористи потенцијалот на технолошките синергии. Следниот чекор, по консултациите со надзорниот одбор, ќе биде спроведување на планот.

Повикувајќи се на извори од компанијата, „Менаџер“ наведува дека е можно укинување на уште 50.000 работни места, со што вкупната бројка на отпуштања би се искачила на 100.000, што е двојно повеќе од претходно планираното. Исто така, се размислува и за затворање на четири фабрики во Германија – во Хановер, Цвикау и Емден, како и на погонот на „Ауди“ во Некарсулм.

Овие планови се дел од новата стратегија за 2030 година, за која управниот одбор расправаше во средата. Конечната одлука треба да ја донесе надзорниот одбор на седницата закажана за 9 јули. Магазинот не наведува точен временски рок за спроведување на мерките, туку само напоменува дека реализацијата се очекува во „среднорочен период“.

МИА