Воениот режим во Буркина Фасо одлучи да ги прекине дипломатските односи со Франција, обвинувајќи го Париз за „непрекинати активности“ насочени против интересите на земјата.

Министерот за комуникации Гилберт Уедраого ја обвини Франција дека не ги почитува принципите на немешање во внатрешните работи и заемна почит.

Односите меѓу Уагадугу и поранешната колонијална сила се влошија откако капетанот Ибрахим Траоре дојде на власт со државен удар во септември 2022 година. Оттогаш воениот режим води суверенистичка политика, проследена со репресии врз критичарите и изразено антизападно, особено антифранцуско, позиционирање.

„Владата на Буркина Фасо ја известува домашната и меѓународната јавност дека донесе одлука да ги прекине дипломатските односи со Француската Република, со важност од 26 јуни 2026 година“, се наведува во соопштението прочитано на државната телевизија.

Хунтата го обвини Париз за „непрекинат активизам против интересите на Буркина Фасо“, како и за „неоколонијални амбиции“ преку, како што тврди, активна поддршка на субверзивни мрежи и терористички групи кои ја дестабилизираат земјата и регионот Сахел.

Француското Министерство за надворешни работи соопшти дека „жали“ за одлуката на воените власти, оценувајќи ја како „непријателска и неоснована“.

Во соопштението се наведува дека потегот „ја илустрира загрижувачката насока во која се движат властите во Буркина Фасо“, додавајќи дека Париз разгледува соодветни контрамерки.

Буркина Фасо, како и повеќе други земји од Сахел, повеќе од една деценија е погодена од напади на вооружени џихадистички групи поврзани со Ал Каеда и Исламска држава, при што илјадници луѓе загинаа, а милиони беа принудени да ги напуштат своите домови.

Владата на Буркина Фасо нагласи дека одлуката се однесува исклучиво на институционалната рамка на дипломатските односи и не ги доведува во прашање историските, човечките, културните и општествените врски меѓу народите на двете земји.

Воедно, властите ја потврдија својата заложба за заштита на сите граѓани.