Илјадници луѓе во Нов Зеланд денеска останаа без електрична енергија, еден ден откако циклонски систем ја зафати земјата, предизвикувајќи поплави и свлечишта.
Регистрирани се повеќе од 3.000 прекини во снабдувањето со електрична енергија, откако невремето ги погоди централните делови на земјата со 5,3 милиони жители, вклучувајќи го и главниот град Велингтон, соопшти енергетската компанија „Пауерко“.
„По 24 часа обилни дождови и силен ветер, временските услови почнуваат да се подобруваат“, соопшти националната метеоролошка служба преку Икс.
Службите за итни случаи предупредија на одрони на патиштата, поплавени делници и натамошен ризик од свлечишта во Велингтон.
Поради невремето вчера беа откажани околу 200 летови од и кон Велингтон.
Локалните власти во Лоуер Хат, североисточно од Велингтон, соопштија дека има поплавени патишта и две свлечишта.
Во јануари, обилните дождови предизвикаа свлечиште во преполн камп на Северниот Остров, при што загинаа шест лица.




