Фудбалерите на Шпанија го совладаа Уругвај со 1:0 (1:0) во последното коло од групата Х и како првопласирани обезбедија место во нокаут-фазата на Светското првенство 2026.
Актуелниот европски шампион во следната рунда ќе игра против второпласираната селекција од групата Ј – Австрија или Алжир.
Уругвај, пак, доживеа големо разочарување. Со само два освоени бода во три натпревари, двократниот светски шампион го заврши настапот уште во групната фаза.
Од ваквиот исход најмногу профитираа Зеленортските Острови, кои со ремито без голови против Саудиска Арабија за првпат во својата историја се пласираа во нокаут-фазата.
Освен елиминацијата, Уругвајците ги потресе и внатрешниот конфликт во репрезентацијата, кој кулминираше токму за време на натпреварот со Шпанија.
Единствениот гол беше постигнат во 42. минута, кога Алекс Баена шутираше, а голманот Фернандо Муслера направи голема грешка и ја испушти топката во својата мрежа.
Селекторот Марсело Бјелса не му прости и уште на полувремето го замени искусниот чувар на мрежата, кој според медиумите претходно бил еден од предводниците на незадоволството во репрезентацијата.
Како втор лидер на незадоволните се споменува Федерико Валверде, кој беше заменет во 58. минута. При излегувањето од теренот не го погледна Бјелса, а камерите забележаа дека видно лут нешто му дофрла на селекторот.
Во таква атмосфера Шпанија без поголеми проблеми го контролираше натпреварот и рутински ја зачува минималната предност до последниот судиски свиреж.
Така, Шпанците со максимална сигурност ја продолжија својата мундијалска приказна, додека Уругвај го заврши турнирот со елиминација и сериозна криза во соблекувалната.




