Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и екипи на МВР ноќеска вршеа увид на тешко пристапна шумска локација во близина на селото Летевци, каде беше пронајдено безживотно тело на жена од Таор, информираат од Обвинителството.

Жената била пријавена за исчезната во петокот, по што беа преземени дејствија за нејзино пронаоѓање.

-Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатата, при што потврдено е дека смртта е насилна. Под сомненија за сторено кривично дело лишен од слобода е поранешниот сопруг на жртвата, а задржани се и тројца негови пријатели, велат од ОЈО Скопје.

Се преземаат дејствија за целосно расчистување на настанот.

Претходно имаше соопштение и од МВР:

Полициски службеници од СВР Скопје денеска околу 01:20 часот го лишија од слобода С.Г.(51) со престојувалиште во с.Таор, скопско, поради постоење основи на сомнение дека ја убил Ж.Г.(48).

-На 26.06.2026 С.Г. пријавил во полициска станица дека од домот се оддалечила Ж.Г., со која живееле во иста куќа, а на 27.06.2026 пријавил дека ја пронашол почината Ж.Г. во близина на с.Летевци, скопско. На местото излегле полициски службеници и јавен обвинител, по што телото кое било во фаза на распаѓање, по наредба на јавен обвинител е предадено на судска медицина за обдукција, информира МВР.

Со С.Г. е извршен службен разговор и тој е лишен од слобода, а во врска со случајот лишени се од слобода и З.М.(62), Г.Б.(64) и М.Д.(69).

Во координација со јавен обвинител се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот