Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски, на денешната прес-конференција истакна дека проектот „Безбеден град“ дава конкретни резултати во подобрувањето на безбедноста во сообраќајот, посочувајќи дека системот има силен превентивен ефект и придонесува за намалување на бројот на сообраќајни прекршоци и жртви.

Според Велјановски, системот, кој започнал со пробна примена на 1 декември минатата година, уште во првите 24 часа регистрирал околу 110.000 прекршоци, при што над 90 проценти се однесувале на пречекорување на дозволената брзина. Дополнително, биле евидентирани околу 5.000 поминувања на црвено светло и околу 1.000 нерегистрирани возила.

Тој нагласи дека веќе вториот ден бројот на прекршоците бил речиси преполовен, а до почетокот на целосната примена на системот, на 1 февруари годинава, дневниот број на регистрирани прекршоци се намалил на околу 500 до 600, што, според него, претставува намалување од над 99 проценти во однос на првиот ден од тестирањето.

Велјановски истакна дека главната цел на проектот е намалување на бројот на тешки сообраќајни несреќи и спасување човечки животи, со цел до 2030 година да се преполоват смртните случаи и сериозните повреди на патиштата.

Тој потсети дека системот најпрво бил имплементиран во Скопје, Тетово, Куманово и на коридорите 8 и 10, а потоа и во Велес. Според него, минатата недела биле поставени камери и на автопатот кај Ново Село во општина Дебарца, додека паралелно започнало и неговото воведување во Охрид.

Повикувајќи се на податоци од првите пет месеци од функционирањето на системот, Велјановски рече дека бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди е намален за 40 проценти – од 55 во истиот период минатата година на 33 годинава.

„Намалувањето на бројот на прекршоци и на жртвите во сообраќајни незгоди покажува дека реформата ја исполнува својата основна цел – спасување човечки животи и создавање побезбедни патишта за сите граѓани“, изјави Велјановски.

Тој додаде дека Владата ќе продолжи со проширување на системот „Безбеден град“ и со инвестиции во современи технологии, нагласувајќи дека безбедноста на граѓаните останува еден од главните приоритети.