Собранието, по еден час пауза на барање од пратеничката група на СДСМ, ја почна 110 седница, на чиј дневен ред, се новите измени и дополнување на Изборниот законик, што ќе се носат по скратена постапка, а е дел од реформската агенда.
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, на почетокот информираше дека седницата е свикана согласно Член 74, став два од Деловникот на Собранието за да може Собранието и другите институции непречено да функционираат.
Предлогот до Собранието е доставен од група пратеници, и тоа Антонио Милошоски, Зеќирија Таири, Даниел Стојчевски, Блерим Беџети и Иванка Василевска. Со измените, меѓу другото, се предвидува електронско гласање на дијаспората, а има промени и во делот на државното финансирање на партиите.
Иако учествуваше во работната група, Левицата не го потпиша овој предлог со образложение дека не се согласува со предложениот начин на финансирање на партиите бидејќи тие иако имаат шестмина пратеници, на партијата ќе ѝ бидат исплатени исто толку кога беа двајца.
Од ВМРО-ДПМНЕ беше истакнато дека договорено е Левицата да поднесе амандман на предлогот.
Претставници на СДСМ не учествуваа во работната група за измените на Изборниот законик.
Најавата на лидерот на опозицијата дека СДСМ нема да ги поддржи измените на Изборниот законик, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја оценуваат како доказ дека неговата главна цел е да се спротивстави на законите од Реформската агенда и како алиби за поразот што оваа партија би го имала на следните избори.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на почетокот процедурално реагираше дека ова е истиот начин и постапка што се спроведе и за носењето на Законот за Влада, нагласувајќи дека Изборниот законик е дел од реформската агенда и ваков начин на носење на реформски закон е преседан во парламентарнат демократија во поновата македонска историја.
-Ова е првпат вака да се предложи законско решение, коешто го добиваме непосредно пред закажување на оваа седница, и во, истиот ден, да се закаже седница за Изборен законик. Очиглено дека консензус не постои во однос на овие одредби и веднаш на оваа седница да се разгледа Изборниот законик – изјави Спасовски.
Милошоски, пред паузата, информираше дека Собранието ќе работи и по 18 часот.




