Канибализмот е табу во човековите општества, не поради инстинктивната одбивност кон човековото месо, туку, се чини, затоа што е штетен за членовите на општествата што го практикуваат, како што потврдија научници од Полска и Чешка. Имено, Михал Мисијак од Универзитетот на Вроцлав и Петр Туречек од Карловиот Универзитет во Прага, научно докажаа дека долготрајното и често јадење човечко месо може да доведе до болест кај канибалите и исчезнување на цели народи и племиња, објави „Би-би-си“.

„Го разгледавме човечкото тело како потенцијален извор на храна, анализирајќи ги и енергетските придобивки и опасностите што се кријат. Во смисла на калории, секоја личност може да биде оброк, но клучниот проблем е ризикот од инфекција. Патогените микроорганизми имаат полесна задача кога ќе завршат во организам со речиси идентична физиологија“, пишува Мисијак во својот научен труд.

– Табуто делува како еволутивна заштита. Нашите резултати посочуваат дека ова бил биолошки оправдан одговор на зголемениот ризик од епидемии. Општествата кои не го ограничиле канибализмот едноставно не преживуваат, додава Мисијак.

Истражувањето откри дека опасноста од болест се зголемува експоненцијално кога канибалот јаде други канибали, бидејќи дури и готвењето човечко месо не ги елиминира протеините коишто можат да предизвикаат смртоносни невролошки заболувања. Таква болест е куру, којашто некогаш била честа појава кај племето Форе од Папуа Нова Гвинеја, кои ги готвеле и јаделе своите починати роднини верувајќи дека на тој начин го ослободуваат духот на починатиот.

Фото: архива