Авион на „Рајанер“ од Солун кон Меминген денеска наутро (10 јули) се врати во Солун кратко по полетувањето откако за време на летот се откачи прозорец до патник – соопштија од авиокомпанијата „Рајанер“ за инцидентот, во кој полесно бил повреден еден од патниците, јави дописничката на МИА од Атина.

Од авиокомпанијата посочија дека авионот регуларно слетал во Солун и патниците биле вратени во терминалната зграда.

– Еден патник побара и доби медицинска помош по слетувањето во Солун. Со цел да се минимизира доцнењето, беше обезбеден заменски авион за превоз на патниците до Меминген, кој утрово полета од Солун во 9.35 часот по локално време – пишува во соопштението на „Рајанер“, што го објавија грчките медиуми.

Медиумите во Солун, повикувајќи се на сведоштвата на патниците, утрово објавија дека веднаш по полетувањето, веројатно додека авионот летал над Скопје, се слушнал силен звук по што се скршил еден прозорец, а патникот на седиштето до прозорецот, поради наглата декомпресија, бил во опасност да излета од авионот и со помош на неговите сопатници бил задржан и спасен.

Меѓу патниците настанала паника, пилотот, според сведоштвата, останал присебен, ги смирил патниците и го вратил авионот на солунскиот аеродром.

Една од патничките во авионот за Радио Солун објасни дека седела малку поназад од редот каде што се скршил прозорецот, но видела дека повредениот имал крв на главата и се онесвестил, а паралелно сите други патници биле со маски за кислород.

– Сигурно 30-40 минути летавме со скршен прозорец. Колку што можев да сфатам, веројатно пилотот се обидуваше да добие дозвола за слетување, да види што ќе прави. Барем јас така сфатив. Цело време бевме со маските за кислород – вели патничката.

Некои од медиумите објавија дека причината за скршениот прозорец бил проблем со моторот, дел се откачил и удрил во прозорецот, нешто што воопшто не е споменато во соопштението на авиокомпанијата.

Солунските медиуми објавија дека повреден е турист на 60-ина години и веројатно станува збор за српски државјанин.

Фото: Радио Солун