Управата за Персискиот Залив, орган што Иран го формираше за време на војната со цел воведување дигитален систем за одобрување транзит, денеска соопшти дека „поради неодамнешните илегални движења на американските воени сили во регионот, транзитот низ Ормуската Теснина во моментов не е возможен“.

„Штом ќе се воспостават стабилност и мир, сите барања ќе бидат разгледани според утврдениот распоред и ќе бидат издадени потребните дозволи“, наведе управата на социјалните мрежи, додавајќи дека единствениот начин да се добие дозвола за транзит е преку нејзината веб-страница.

Централната команда на САД (Центком) претходно денеска соопшти дека Ормуската Теснина во моментов е отворена.

Ормуската Теснина е отворена за сите пловила што настојуваат легално да транзитираат низ овој меѓународен воден пат, соопшти Центком.

Американските сили се позиционирани и подготвени да осигураат дека слободата на навигацијата ќе остане достапна и покрај неоправданата иранска агресија, вознемирување, закани и произволни декларации, нагласи Центком на Х.

„Иран не го контролира протокот. Сообраќајот се одвива непречено“, се додава во објавата.