Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во вилата „Билјана“ во Охрид на проштална средба ја примила амбасадорката на Хеленската Република во Скопје, Софија Филипиду.
Реафирмирајќи го ставот дека регионалната соработка е особено важна за помалите земји, Сиљановска Давкова истакнала дека од Грција очекува да биде меѓу најсилните поддржувачи на патот на македонските ЕУ интеграции.

-Според мене, со влезот на земјата и на целиот регион во Унијата, ефективно ќе се затвори постоечкиот геостратешки јаз, а со тоа ќе се постигнат повеќекратни ефекти во Југоисточна Европа, од трговијата и инвестициите до енергетската поврзаност. Во однос на македонско-грчките односи, со амбасадорката сметаме дека е потребен нов поттик за да се продлабочат и прошират во повеќе области – се вели во објавата на претседателката.
За мене, како што посочува Сиљановска Давкова, културата е најдобриот лакмус за македонско-грчките односи.

-Доказ за тоа се заедничката изведба на монументалното дело „Кармина Бурана“ од страна на македонската, бугарската и грчката филхармонија, во јуни годинава, како и изведбата на „Митот за Амазонките“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“ – нагласува во објавата претседателката Сиљановска Давкова.
Фото: Фејсбук на Гордана Сиљановска Давкова




