ВМРО-ОКГ денеска се фали дека инвестирале над 70 милиони евра во образовна инфраструктура и обезбедиле повисоки плати за наставниците.  Ова е уште еден пример на селективна меморија и пропаганда која нема врска со реалноста – се вели во соопштението на СДСМ кое МИА го објавува интегрално.

Кога истата оваа партија беше на власт под Никола Груевски, тие систематски ги менуваа учебниците по историја, вметнувајќи националистички и ревизионистички наративи кои создадоа сериозни проблеми.

Наместо да градат квалитетно образование, тие го користеа образовниот систем за политичка индоктринација.

Во исто време, истата влада потроши околу 650 милиони евра за споменици, фасади и „Скопје 2014“ – проект кој беше симбол на екстравагантност и корупција, а не на инвестиции во иднината на децата.

Наместо модерни училишта, лаборатории и квалитетни учебници, граѓаните добија бетонски споменици и долгови.

Денес, кога се обидуваат да се претстават како „инвеститори во образованието“, забораваат дека токму тие го уништија образовниот систем со политички влијанија, ниски плати за наставници и масовен егзодус на млади.

Истата партија која денес се фали со 70 милиони, вчера потроши десет пати повеќе за споменици и историски ревизионизам.

Истиот Мицкоски и ВМРО, кои најавуваат дека младите што се иселуваат ќе ги заменат со економски работници (мигранти) од земјите од третиот свет, денес зборуваат за образованието.

Граѓаните не се наивни. ВМРО-ОКГ не се промени.

Тие само ја менуваат реториката според моменталните потреби, додека суштината останува иста: пропаганда наместо реални резултати.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ