Либанскиот претседател, Џозеф Аун, денеска во Вашингтон ќе се сретне со американскиот претседател, Доналд Трамп, во време кога расте притисокот врз Бејрут да го разоружа Хезболах, што Израел го поставува како клучен услов за повлекување од јужен Либан.
Соединетите Американски Држави кои посредуваа во преговорите меѓу Либан и Израел, вчера најавија почеток на спроведувањето на договорот со кој на либанската армија и се дава контрола врз таканаречените „пилот-зони“ во јужниот дел на земјата.
Тие зони главно се наоѓаат надвор од подрачјата што Израел ги окупираше откако Хезболах во март го вовлече Либан во конфликтот на Блискиот Исток.
Аун, кој остро ја критикуваше одлуката на Хезболах да го вклучи Либан во војната, сега очекува од Трамп дополнително да изврши притисок врз Израел за повлекување од окупираните либански територии.
Израел сепак одбива да се повлече додека Хезболах останува вооружен, а истото барање го повторија и американските власти.
„Се додека овој проблем постои, Либан никогаш нема да постигне вистински мир“, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио по средбата со Аун во неделата.
Рубио ја пофали, како што рече, „храброста на либанската влада“ поради напорите за враќање на суверенитетот на земјата, разоружување на Хезболах и демонтирање на неговата инфраструктура.
Џозеф Аун е првиот либански претседател поканет во официјална посета на Вашингтон по 2009 година.




