Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека започна темелната реконструкција на улицата „101“ во Волково, која, како што посочи, за првпат се обновува откако е изградена.

Според Ѓорѓиевски, реконструкцијата опфаќа делница подолга од 1.000 метри, на која ќе се изгради нов коловоз, ќе се постават попивателни бунари, ќе се уреди просторот кај последната станица на автобусот со број „22“, а ќе биде поставена и нова автобуска постојка.

Тој истакна дека станува збор за значајна сообраќајница која го поврзува Волково со скопската обиколница и која секојдневно ја користат голем број граѓани.

За Ѓорче Петров имаме јасен план, а не празни зборови. По улицата „101“ следуваат реконструкции и на улиците „Шарпланинска“, „Веле Марков“ и реализација на многу други капитални проекти. Ги решаваме проблемите што со години биле оставени на страна. Продолжуваме силно, одговорно и посветено, порача Ѓорѓиевски.

Од Град Скопје посочуваат дека реконструкцијата на улицата „101“ е дел од поширокиот план за подобрување на патната инфраструктура и условите за сообраќај во општината Ѓорче Петров.