Начинот на кој екс министерот за надвоешни работи Бујар Османи ја толкува преговарачката рамка е одраз на аматеризмот на владите на Зоран Заев и Димитар Ковачевски кога станува збор за клучните документи во односите со Бугарија – Договор за добрососедство, вториот протокол од меѓувладината седница и францускиот предлог, преточен во преговарачка рамка.
Преговарачката рамка Османи ја дели на општ и специјален дел. За општиот дел вели нема извештај од ЕК и нема гласање од земјите членки на Унијата. Османи вели токму во тој дел се инкорпорирани Договорот за добрососедство и прегледите од член 12, вклучително вториот протокол со обврските на заедничката комисија за историски и образовни прашања.
Во специјалниот дел пак, Османи потенцира дека се наоѓаат 35-те поглавја, со одредници и патокази, за чие отворање и затворање има гласање од земјите членки и дека во еден од нив има патоказ за владеење на право во кој е вметнат неопходниот акциски план за малцинста, како одредница за која има и писмен извештај и гласање од земјите членки.
Дали тогаш екс шефот на дипломатијата се прашува зошто Бугарија не го одобрува веќе подготвениот акциски план за малцинства подготвен со експерти токму од Брисел? Зошто на Софија би и пречел таков општ документ од земја шампион во почитување на малцинските права, дури и да се вметнат Бугарите во преамбулата на уставот? Затоа што и пречи јазикот за кој претходната влада тврди дека е бетон и дека битката завршила со една фуснота во договорот за ФРОНТЕКС. Фуснота со која Софија не го признава македонскиот јазик, туку го смета за дијалект на бугарскиот. Ако е тоа намерата на Бугарија, тогаш никогаш нема да ја прифати реалноста, а со тоа и акцискиот план, и нема да гласа за поглавјето за владеење на правото, што значи ново вето. Тоа е првата можност, хипотетички што би рекол Османи.
Вториот момент, еве и кога Бугарите би влегле во уставот, во делот на основните човекови права, еве ,,хипотетички‘‘ Софија може да го постави прашањето за огромната разлика помеѓу декларираните Бугари на пописот 2022-ра и нивниот регистар на бугарски државјани со македонско потекло. И тука ли ќе треба да ги прифатиме нивните барања или ќе се соочиме со вето?
Трет момент е заедничката историска комисија која третира и образовни прашања. Точно дека поглавјето 26 посветено на образованието не предвидува содржина на учебници, национална историја или национален идентитет. Но, во рамките на разгледување на тоа поглавје за кое ќе биде неопходна согласност и од Бугарија, како и изготвен извештај од ЕК, Софија може да се повика на обврските што произлегуваат од преговарачката рамка, односно, Договорот за добрососедство, вториот протокол и работата на историската комисија чија работа се следи и во извештајот на Евопарламентот. Токму во него се повикува на опипливи решенија во нејзината работа, чиј мандат , согласно договорот за добрососедство, треба да заврши до крајот на преговарачкиот процес. И да го прашаме екс министерот Османи, кога тоа бугарските историчари ќе се согласат на историски факти или толкувања различни од нивните, кога негирањето на македонскиот идентитет, пред 1945-та е дел од стратегијата на бугарското политичко и партиско општество. Или лесно е да преговараш за туѓ идентитет, како Османи, па по негов терк ќе треба да се избришеме од постоењето на националната свест пред 1945-та?
Колку и да сака Османи да ја прикаже преговарачката рамка како чисто адмнистративен чин, во кој ,,хипотетички‘‘ се бугарските вета за билатерални или идентитетски прашања, ситуацијата не е таква. Тој и владата на СДСМ и ДУИ ни ја скроија идентитетската лична карта. Односно уставните измени така како што се прифатени, поддржани од вториот меѓувладин протокол, заклучоците од ЕУ и преговарачката рамка се Дамоклов меч надвиснат над македонските евроинтеграции. Доколку не се смени нешто тие секогаш ќе зависат од волјата или задоволството на Софија од прифаќање на нивните барања токму за идентитетот и историјата.
Чудно е како Осамни не чита, не слуша и не гледа што и сега тврди официјална Софија. ВД претседателката на Бугарија Илијана Јотова и ден денес вели во Македонија постои тежок проблем со човековите права и ИСТОРИСКАТА правда. Таа повикува некој да и каже каде е создадена бугарската азбука и кој друг народ, ако не Бугарите ја распространил и создал бугарска култура. Ако Османи не гледа, тогаш тоа веднаш го воочија Словачка и други словенски земји кои не одобруваат присвојување на словенската писменост од страна на Бугарија. Ако не може на нив тогаш на бугарската претседателка и државно-партискиот врв им останува силата да ја покажат на Македонија оти ние сме прифатиле и потпишале. А, Бугарија, како што вели Јотова кога станува збор за Македонија не сака бескрајно да се расправаат, туку станува збор за заштита на бугарскиот идентитет и национален интерес од кој не можат да отстапат!
И каде е сега решението екс министре Османи, дали е се ,,хипотетички‘‘?
ПС
Јасно е дека зад завесата се одвиваат дипломатски процеси за решавање на состојбата во која се наоѓаат евроинтеграциите. Ако не може да се смени преговарачката рамка, Брисел и моќните европски престолнини имаат инструменти или гаранции со кои процесот ќе биде предвидлив, барем во делот на билатералните спорови и идентитетските прашања кои не смеат да постојат и покрај превидот со преговарачката рамка. Ако Радев не успеа да ги уцени Американците па ги избрка нивните воени авиони од аеродромот во Софија, па потоа со одлука на Парламентот да ги повика да се вратат на друг аеродром, така може да се најде решение и за овој проблем. Геополитичкиот момент вели мора да се најде.




