Дарко ЈАНЕВСКИ

Не ја сфаќам фејсбук расправијата меѓу Муцунски и Османи, а посебно не го сфаќам „легендарниот“ министер за здравство, Бујар, во време на ВМРО, и уште „полегендарниот“ министер за надворешни работи Османи, во време на Заев и Заевци, кој пред некој ден прогласи некаква победа со тоа што го потпишал Вториот протокол за односите меѓу Бугарија и Македонија.

Зошто не разбирам? Затоа што приказната е многу едноставна: и Договорот со Бугарија, и протоколите и Преговарачката рамка односно францускиот предлог, на крајот од линијата, без оглед на речникот и фразите што во нив се употребуваат, а кои наводно треба да одразат некаков висок дипломатски стил, иако во суштина се обичен сељачизам далеку од некаква дипломатска изнијансираност, сељачизам рамен на тие кои одат во маркет на штикли од 20 см, неискапени, но со тон парфем од 500 евра на себе, значи сето тоа во документите, се сведува на едно: или ќе имаме „добрососедски односи“ со Бугарија или од „бизнисот“ нема ништо.

Во исто врме додека во Бугарија, омразата кон Македонците, вклучувајќи ја тука и веќе вградената омраза на Бугарите во Македонија, а кон самата Македонија, се шири со брзина на ковидот или чумата во средниот век. А под „доброседски односи“ се подразбира да се согласиме дека нашите дедовци и баби биле Бугари. Што е еднаш кажано, сто пати кажано, илјада пати повторено. И тоа е тоа што го потпишале сите тие шарлатани од 2017 до 2022 година и тоа е тоа што наводната висока изнијансирана европска дипломатија го бара од нас, а таа нашата, „професионална диломатија“, под водство на татичко Димитров и Бујарче наш, го понуди на тацна. Ни помалку, ни повеќе. Така што, се надовор од ова, по ваков или онаков ФБ статус всушност е безвредно шлапкање на детенце во вир вода.

А, приказните за „Бугари во Устав“ и слични „заебанции и керефеки“, што би рекла Рахела Ферари во „Тесна кожа“, и приказните за тоа дека овде ќе почне да течат мед и млеко откако тие Бугари ќе ги внесеме во Уставот, се само тоа: „заебанции и керефеки“ за мали деца и шарените платеници во политиката и нивните фарбосани медиуми, кои и натаму се на странски список (што на опозицијата не и пречи, ама и пречат Алфа и некои портали), чиј мисловен дел од телото е непоправливо измиен и оштетен.

Се разбира, проблемот не е само во тоа. Всушност „е во тоа“, ама тој дел е минато и ние сега ќе треба да го оправаме тоа што непрокопсаната банда која сега се жали дека е репресирана, го замачка толку и го уништи толку многу, што илјадници реставратори ќе имаат мака со години нанапред. Но, проблемот е и во тоа што сите протагонисти на предавството и натаму остануваат мирно да си уживаат во своеото богатство спечалено со „крв и пот“, (додуше наша крв и пот, не нивна) и тоа и во иднина ќе ја држи Македонија на дното, така како што бетонските чизми со кои Ал Капоне и мафијата ги залевале нозете на нивните жртви ги држеле на дното од морето. Тие се угледни членови на ова општество, доктори, бизнисмени… и што ли уште не, додека ние, другите, и натаму сме оние „небањатите“ со брадата. Како што Ќосето го оквалификуваа како „масовен убиец“ (ајдеее, а што треба да прави еден револуционер против противниците, да фрла цветчиња од рози?), додека Голиот оток на Тито беше демократска алатка на најдобриот од најдобрите, а Ченто, Шатев, Брашнаров, помладиот брат на Никола Карев – Ѓорги, Ристо Шишков, Јован Котески и другите од тој ред само си го добиле тоа што го заслужиле.

Одиме на друга тема. Според Џефри Сакс, еден од најдобрите економисти во светот, професор на Универзитетот во Колумбија, советник во ООН, и да не ја редам натаму неговата импозантна биографија, со кого МИА минатата година имаше интервју, во светот во овој момент постојат четири супер сили: САД, Русија, Кина и, се разбира, Индија. Што, впрочем, и не треба да ни го каже Џефри Сакс. Тоа е видливо и со голо око. Освен за оние погоре споменати шарени кои три од четирите велесили не смеат ни да ги помислат, не пак да ги споменат. Во исто време, додека дури и Трамп мака мачи како со нив да се справи на економско ниво, за да ја задржи позицијата на САД во светот, но и трудејќи се од петни жили со истите да изгради што поблиски односи, независно од воинствените намери на тамошната „длабока држава“.

Е, во таа корелација на силите во светот, тоа што е битно за нас е дека претседателката на една од земјите од оваа четворка беше во Македонија. Кај нашата претседателка. Кај нашиот премиер. И тоа минува онака мирно. Можам да замислам само што ќе беше ако истото му се случеше на Пендаровски. Зурли, тапани, гушкања на ГТЦ, соблекување по танги среде плоштад, фрлање градници пред претседателската резиденција и врз мечот на Александар во центар, задожително ставање слики на Стево во секоја училница како во времето на Јоже… со еден збор, општа оргијашка екстаза. А сега е мирно.

И така и треба да биде. За да има разлика меѓу менталниот склоп на шарените и меѓу тие другите. Оти поентата не е во екстазата, како во оние моменти кога десет пати добиваме почеток на преговорите со ЕУ (досега ги завршивме истите, зар не?), туку во тоа Македонија да оди напред. Да оди напред, за на овие деца кои ги имаме да им оставиме по некоја нива што раѓа плод. И по некоја книга, се разбира, Во хартиена форма, не на телефон.

Е, да, Индија е земја во која од 1,5 милијарди, милиони живеат во сиромаштија. Но, ги има и милони за кои нашиот годишен БДП е мала шега. И можат да инвестираат милијарди кај нас. А ние, кај нив? Ние сме сепак неспособни да влеземе во таква земја бидејќи едноставно немаме капацитет. Своевремено, еден пријател-бизнисмен успеал да дојде до тогашниот градоначалник на Москва, овој го примил и во неговата канцеларија, нашиот човек му ја понудил својата стока за продажба во Русија. Кога градоначалникот видел што нашиов има да понуди и колкава е количината (недоволна за огромниот град), на крај, пријателски го препратил кај некој кој би бил еквивалент на претседателот на месната заедница во Драчево. Оди продавај таму, не ми земај од времето мене.

Но, незвисно од тоа, отворање на очите кон сите страни на светот, а ги има четири, не е воопшто отповеќе. Оти, само што купувам некакви елементи за дома, и некои беа од Хрватска, членка на ЕУ, други од Италија, членка на ЕУ, трети – не знам од каде, но повторно од членка на ЕУ и сите нешта што ги купив имаат еден заеднички именител – на нив пишуваше „произведено во Кина“. Е сега, кој разбра – разбра, кој не – да е жив и здрав. Според онаа шега – како ти се децата? Едното супер, напредно, успешно. А другото? Е, другото да е живо и здраво!

Или, се сведува на истото што ни го прави и ЕУ – за сите важат Копенхашките критериуми, за нас важи Бугарија. И омразата која доаѓа не само оттаму, туку и од внатре, од самата Македонија кон се што е македонско. И тоа не само од Бугарите по националност, тоа не е толку страшно, туку и од платеничката, новинарската, невладината… и каква се уште не тајфа. Иако, од тоа „македонско“ ги имаат становите, богатството – колкаво и да е, автомобилите, од тоа „македонско“ ги хранеле и ги хранат децата… Е, да, и од продажбата на тоа „македонско“. Ама, ајде да видиме кој и чиј ќе биде севкупниот аир од тоа.

И за крај на овие редови – водата. Не знам зошто се бунат луѓето. Луѓето избрани од други луѓе да ги владеат во општината, пуштиле фекална вода од Вардар во водоводот. Панче им стави лисици, Савески ги смести таму каде треба. Останува да бидат ставени во експрес лонец од судот. Оној суд кој знае само пари да бара. Таму е проблемот. Ако таму не се реши, ќе има и други луѓе кои ќе бидат избрани од луѓе и кои ќе пуштат фекална вода во водоводот. Ајде да видиме.