Истражниот судија на Основниот суд во Улцињ, во саботата ѝ одреди мерка притвор до 30 дена на Сашка Стојановска (43), државјанин на Македонија, поради основано сомнение дека еден ден пред тоа извршила кривично дело убивање и мачење животни и уништување на нивното живеалиште, објави црногорсиот портал „Вијести“.
Претходно, Основното државно обвинителство (ОДТ) во Улцињ ѝ одреди мерка притвор до 72 часа и до Основниот суд во Улцињ поднесе предлог за притвор поради сомнение дека сторила кривично дело, на начин што, како што објави таа институција, го прегазила и убила кучето на сопственикот од расата „Шарпланинец“ во близина на булеварот Теута со патничко моторно возило „Мерцедес“.
„На 25 јули 2026 година, истражниот судија на Основниот суд во Улцињ одреди притвор на осомничената С.С. (43) од Скопјe до 30 дена, поради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело убивање и мачење животни и уништување на нивното живеалиште по член 309 став 1 од Кривичниот законик на Црна Гора.
Имено, како што е основано сомнение, осомничената прегазила и убила куче од расата Шарпланинац со своето возило. Притвор на осомничената ѝ е одреден врз основа на член 448 став 1 точка 1 од Законот за кривична постапка поради постоење на околности што јасно укажуваат на опасност осомничената да избега и со тоа да го попречи понатамошниот тек на постапката“, информираа за „Вијести“ од Одделот за односи со јавноста на Основниот суд во Улцињ.
Одбраната, сепак, изнесува поинаква верзија на настаните. Од нивна страна, се тврди дека возилото било употребено во обид да се оттурне животното и да се заштити семејството на осомничената, а не со намера да биде усмртено. Во меѓувреме, нејзината ќерка исто така со своја изјава за тв Сител посочи дека станува збор за опасно куче кое се обидело да ги нападне во нивниот апартман, откако претходно го нападнало нивното милениче.
Според информациите на „Вијести“, Македонката го убила шарпланецот откако тој го убил нејзиното куче во населбата Улцињско Поле.
Веднаш потоа, таа го блокирала тесниот пат помеѓу два блока згради, плачејќи и барајќи помош за своето милениче ши-цу. Работник од блискиот хотел В.Б. ѝ притрча на помош, го зел рането куче во раце и заедно со неа се одвезе до првата ветеринарна установа.
Сепак, поради сериозноста на повредите и колапсот во сообраќајот, кучето не стигнало до ветеринарната клиника.
„Ќе го направев истото повторно. Само да знаев, ќе се обидев да му помогнам на друго несреќно куче, шарпланинецот. Но, за жал, се чини дека немаше начин ниту него да го спасам. Па, поради нечија невнимателност и неразбирлив став кон животните, починаа две невини кучиња“, изјавила потресена и низ солзи В.Б. за „Вијести“ малку подоцна по настанот.
Ќерката на Стојановска во изјава за Сител рече дека прегазениот шарпланинец го нападнал и го усмртил нивното куче, а потоа ги нападнал и членовите на семејството. Според неа, шарпланинецот влегол во нивниот апартман, го распарчал миленикот, а потоа ги нападнал и нив. Потоа сопственикот на шарпланинецот со толпа негови пријатели им се заканувал пред апартманот. Ќерката тврди дека прегазувањето било обид жената да ги одбрани децата и своето милениче.




