Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со спроведување на реформите во областа на животната средина, со фокус на подобрување на управувањето со отпад, зајакнување на транспарентноста, усогласување на националното законодавство со европските стандарди и обезбедување поквалитетни услуги за граѓаните, вели Бисерка Златеска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

-Во рамки на Реформската агенда, презентирани се активностите што институциите ги спроведуваат за поедноставување на административните постапки и унапредување на услугите за граѓаните и деловната заедница. Извршена е анализа на вкупно 31 административна постапка, од кои 15 постапки ќе бидат поедноставени до крајот на 2026 година, за што веќе се подготвени конкретни мерки и планови за нивна имплементација. Целта е да се обезбедат побрзи, поедноставни и поефикасни административни услуги, со што ќе се намали административниот товар за граѓаните и компаниите и ќе се подобри пристапот до јавните услуги, рече таа.

Веќе е испорачана значајна комунална опрема и механизација за општините во рамки на регионалниот систем за управување со отпад, а се подготвуваат тендерите за изградба на регионалните центри во Русино и Новаци и претоварните станици, а во напредна фаза е центарот во Свети Николе.

-За поголема транспарентност, започната е подготовка на Дигитален регистар со јавно достапни податоци за индустриските емисии. Домашната легислатива во овој сектор се усогласува со европските стандарди, преку Законот за климатска акција, како и новите закони за природа, животна средина и заштита на Белчишко и Студенчишко Блато. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со доследна реализација на реформите во областа на животната средина, инвестирајќи во одржливи решенија, модерна инфраструктура и законски реформи усогласени со европските стандарди. Со конкретни политики и мерки се создаваат услови за почиста и поздрава животна средина, поголема транспарентност и поквалитетни услуги, со што директно се подобрува квалитетот на животот на граѓаните и се обезбедува одржлив развој за идните генерации, вели пратеничката.