Ентони Фаучи, клучниот американски стручњак за заразни болести за време на ковидот, одби денеска да одговара на прашањата на сослушувањето во Сенатот, повикувајќи се на правото на молчење од Петтиот амандман и обвинувајќи го републиканскиот сенатор Ранд Пол за „опсесивна желба да го стави зад решетки“.

– По совет на моите адвокати, ќе се повикам на моето право од Петтиот амандман на Уставот да се воздржам од одговарање на вашите прашања – рече Фаучи на сослушувањето пред сенатскиот Комитет за татковинска безбедност и за владини прашања, со кој претседава Пол.

Републиканецот од Кентаки со години повикува на подигнување обвинение против Фаучи и го обвинува дека лажел пред Конгресот за тоа дали Националниот институт за здравство (NIH) финансирал истражувања во Вухан во Кина, како и дека помагал во прикривањето на потеклото на болеста Ковид-19.

Фаучи ги отфрла двете обвинувања и инсистира на тоа дека во повеќе наврати вистинито сведочел пред Конгресот за тие прашања.

Потеклото на Ковид-19 и понатаму не е разјаснето. ФБИ во 2023 година објави дека истекувањето од лабораторија во централниот кинески град Вухан најверојатно ја предизвикало пандемијата, што Кина го отфрли истакнувајќи дека тоа тврдење „нема никаква веродостојност“.

ЦИА во јануари 2025 година ја промени својата проценка и заклучи дека истекувањето од лабораторија е веројатна причина, но со „низок степен на сигурност“, додека четири други американски разузнавачки агенции и Националниот разузнавачки совет сметаат дека вирусот најверојатно настанал преку природен пренос.

Пол оваа недела објави 1.141 страница од дневникот на Фаучи од периодот на пандемијата, кои го опфаќаат времето од декември 2019 до декември 2022 година.

„Бројни записи во дневниот историски приказ на Фаучи целосно ја поткопуваат официјалната приказна што Фаучи и другите функционери за јавно здравство ја застапуваа“, рече тој во изјавата.

Американскиот министер за здравство, Роберт Ф. Кенеди Помладиот и чест критичар на Фаучи, во понеделникот рече дека му ги предал документите на сенаторот откако ги пронашол на владините сервери.

МИА