Ребалансот на Буџетот предвидува значително зголемување на средствата за капитални инвестиции, локален развој, инфраструктура и проекти за заштита на животната средина, истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција.

Според него, вториот клучен столб на ребалансот е развојот на општините преку реализација на конкретни проекти кои директно ќе влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните.

Кога зборуваме за буџетски бројки, зад нив мора да видиме конкретни проекти: пат, мост, водовод, канализација, пречистителна станица, железничка линија, почиста животна средина“, изјави Стојаноски.

Тој нагласи дека со ребалансот капиталните расходи се зголемуваат за 14,5 проценти и достигнуваат речиси 46 милијарди денари, додека капиталните дотации за општините се зголемуваат за околу 1,683 милијарди денари.

Стојаноски посочи дека Министерството за животна средина добива дополнителни 2,412 милијарди денари, што претставува раст од над 54 проценти.

Ова е најголемото ресорско зголемување и јасен сигнал дека проектите за отпад, отпадни води, намалување на загадувањето и еколошка инфраструктура не остануваат само декларативна заложба“, рече тој.

Дополнително, Министерството за транспорт ќе располага со уште 1,806 милијарди денари, при што за железничката инфраструктура се обезбедуваат околу 743 милиони денари повеќе, а за инфраструктурни проекти во општините околу 665 милиони денари.

Според Стојаноски, средствата за живеалишта и развој на заедниците се зголемуваат за 1,1 милијарда денари, што, како што рече, ќе овозможи повеќе инвестиции во водоснабдување, комунална инфраструктура и подобри услови за живот во локалните средини.

Централниот буџет не смее да биде само сметка од која се финансира администрацијата. Тој мора да биде двигател на локалниот развој“, истакна Стојаноски.

Тој додаде дека добро развиената инфраструктура е предуслов за нови инвестиции, побрз транспорт и повисок квалитет на живот, нагласувајќи дека обврска на институциите е средствата да бидат реализирани навремено, транспарентно и со мерливи резултати.

Граѓаните со право очекуваат секој денар да се претвори во конкретна вредност“, порача Стојаноски.