Нивото на водата во реката Дунав, кое на одделни места е на рекордно ниско ниво, им создава проблеми на производителите на електрична енергија во Австрија, Романија и Унгарија.

Поради недостиг на вода, хидроелектраните и нуклеарните централи денеска мораа да го намалат производството или дури привремено да прекинат со работа. Засегнати се исто така туризмот и рибарството.

Локалната управа за водостопанство соопшти дека нивото на водата на Дунав во близина на Пакш во Унгарија е за 121 сантиметар под претходниот најнизок рекорд.

Причините за ова се недостигот од врнежи, но и сè помалото количество вода од топењето на глечерите, изјави Флоријан Зајдл, портпарол на најголемиот австриски оператор со хидроелектрани, „Фербунд“.

– Во овој период всушност треба да ја користиме водата од топењето на снегот, но поради глобалното затоплување паѓа сè помалку снег – рече тој. Производството на „Фербунд“ е за околу 30 отсто под долгорочниот просек.

Во Романија, нивото на водата на Дунав падна на една третина од просекот забележан во јули. Двата оперативни реакторски блока во нуклеарната централа „Чернавода“ мораа да бидат исклучени. Тие вообичаено произведуваат околу една петтина од електричната енергија во Романија.

Во Унгарија, еден од четирите реакторски блока во нуклеарната централа „Пакш“ е исклучен. Премиерот Петер Маѓар изјави дека и останатите три се во ризик да бидат исклучени.

Речниот сообраќај е ограничен поради нискиот водостој. Оваа недела, во близина на романското пристаниште на Дунав, Четате, крузер со речиси 240 патници се насука на песочен гребен. Сите патници беа безбедно евакуирани.