Палестински исламски џихад – ПИЈ (PIJ), милитантна група кој е сојузничка со Хамас, ги отфрли извештаите за договор поддржан од САД, кој би вклучувал разоружување на двете групи во Појасот Газа, јави ДПА.
Групата изјави дека тврдењата дека е постигнат договор се неточни. Член на политичкото биро на ПИЈ изјави дека „документот што циркулира“ е само нацрт на кој групата изразила забелешки.
Извори блиски до разговорите во Каиро претходно изјавија дека Хамас се согласил да се разоружа и да ја прифати демилитаризацијата на Појасот Газа. Неколку лица запознаени со преговорите изјавија дека Хамас, преку медијатори, го одобрил конечниот текст на предложениот распоред за имплементација.
Претседателот Доналд Трамп, исто така, изјави дека Одборот за мир предводен од САД постигнал договор за „целосно разоружување“ на Хамас во Газа.
Ниту Хамас, ниту израелските претставници, јавно не потврдија дека е постигнат договор.
Извори блиски до Хамас претходно изјавија дека групата е подготвена да го стави своето оружје под надзор на палестинска преодна власт во Газа и меѓународни медијатори.
Меѓутоа, еден израелски владин претставник повика на отстранување на целото оружје од Појасот Газа.
Палестински исламски џихад, исто така, учествуваше во нападот врз Израел предводен од Хамас на 7 октомври 2023 година и држеше израелски заложници киднапирани за време на нападот.
Членот на политичкото биро на ПИЈ рече дека сегашниот нацрт не ги вклучува условите што ги бара групата, вклучително и гаранциите дека Израел ќе биде обврзан да го спроведе својот дел од кој било договор.
Секој договор ќе мора да биде обврзувачки за двете страни, рече функционерот, пренесе ДПА.




