Топлотниот бран продолжува ширум Италија, а бројот на градови за кои е издаден црвен метео-аларм е значително зголемен, соопшти денеска италијанското Министерство за здравство.

Како што се наведува, црвеното предупредување денеска важи за 19 од вкупно 27 следени градови, вклучувајќи ги Фиренца, Болцано, Перуџа, Рим, Торино, Болоња, Бреша, Неапол, Венеција и Верона, пренесува „Кориере дела сера“.

Температурите го достигнуваат својот пик од 37 до 38 степени Целзиусови рамничарските предели. Состојбата дополнително ќе се влоши утре, кога бројот на градови со црвено предупредување ќе се зголеми на 23, па на денешната листа ќе ѝ се придружат и Катанија, Џенова, Палермо и Трст.

Метеоролозите предупредуваат дека в понеделник црвен метео-аларм ќе биде издаден и за Анкона и Бари. Единствениот град за кој сè уште важи жолт метео-аларм е Реџо Калабрија, додека Месина осцилира меѓу жолто и портокалово предупредување, наведува весникот.

Предупредувањето за опасност од шумски пожари се однесува и на некои подрачја во северна Италија, посебно во Емилија-Ромања, каде што Регионалната агенција за територијална безбедност и цивилна заштита, во договор со Регионалната противпожарна управа, го подигна нивото на предупредување.

Температурите во наредните денови би можеле да достигнат 38 степени Целзиусови ширум земјата, со врвови блиску до 40 степени Целзиусови во првата половина од следната недела, наведува италијанскиот весник.