Свидетелства, дипломи, нотни записи, црковни книги, ракописи, фотографии се чуваат на долгите полици во депоата на штипскиот Архив. МИА влезе во депото, каде што се чуваат архивските документи, а кои од историски аспект се бесценети.

Истражувачи од сите страни на светот и граѓаните кои го посетуваат Архивот во Штип со голема љубопитност и внимание сакаат да ги видат старите документи, кои се чуваат во депоата, а за посетителите има и изложбен салон на влезот во институцијата.

Но, свидетелството, кое го потпишал токму Гоце Делчев е најбарано да се види од страна на посетителите. Зоран Минов директор на регионаланата подружница на Архивот во Штип за МИА потврдува дека меѓу највредните архивски документи се издвојува свидетелството на Тана Трајчевска за завршено второ одделение, со потписот на учителот Гоце Делчев, кој учителствувал во штипско Ново Село.

Овој редок документ преставува важно сведоштво за  просветителска дејност на даскалот Гоце Делчев.

-Ние во нашето архивско депо, го чуваме свидетелството што го потпишал нашиот великан Гоце Делчев. Тоа е свидетелството на ученичката Тана Трајчевска, од Штип, за учебната 1894/1895година. Тоа свидетелство е доказ  дека Гоце Делчев делувал кај нас и делувал на повеќе начини, Сите знаеме дека нашиот великан предавал овде, во нашето штипско Ново Село и со големо внимание и гордост го чуваме овој документ. Свидетелството може да дојде кој сака да му го покажеме, да го види. Значи тоа е јавен документ, ние  со големо внимание го чуваме и сме горди на тоа – вели Минов.

Од свидетелството може да се забележи дека Тана од село Горни Балван, општина Карбинци била одлична ученичка по сите предмети кои се изучувале пред 132 години.

Според историските документи есента 1894 година Гоце Делчев добил учителско место во штипско Ново Село, каде што веќе учителствувал Даме Груев. Делчев влегол во редовите на Внатрешна македонско-револуционерната организација (ВМРО) и активно се вклучил во организирање на организациската мрежа во Штип и околните градови. Мошне значајна е Делчевата дејност идното лето, кога во Солун се одржал Конгрес на Организацијата, заедно со Ѓорче Петров се ополномоштени да го изработат Уставот и Правилникот на Организацијата. На почетокот на јануари 1898 година се воспоставува четничкиот институт, а Гоце Делчев е назначен за началник на сите чети во Македонија. Градот Штип се гордее што најголемиот македонски револуционер ги учел, описменувал децата од историското Ново Село, а денеска неговото име го носат штипскиот Универзитетот, потоа Универзитетската библиотека и автопатот од Штип до Скопје.

Црковната книга од 1834 година е најстариот документ во депото

Подрачното одделение на Архивот во Штип во јули годинава славеше точно 70 години јубилеј. Во него има 652 фонда или тоа се над еден милион документи. Најстариот документ е црковна книга од 1834 година.

Марио Паризов, Бобан Митев и Велин Шалев, тројцата вработени во Архив-Штип на МИА и ги покажаа  депоата, каде што од архивските кутии ни ги откриваат вредните книги, кои ги имаат добиено од црквите од Брегалничката епархија, а исто така имаат и вредни документи од Лесновскиот манастир во селото Лесново, општина Пробиштип. Познат по првата монашка република на Балканот, која броела околу 200 монаси, позната и како Лесновска лавра, а постоела во периодот од X до XIV век.

Во депото на штипскиот Архив се чуваат документи од Османлискиот и Илинденскиот период, потоа сведоштва за животот на градот Штип и меѓу двете светски војни, како и за неговата поновата историја. При отворањето на стотиците архивски кутии се откриваат и трговски тефтери за вересија, уверенија за државјанство од 1883, крштениче од 1909, полициски записници или технички планови што сведочат за развојот на градот Штип. Тука е зачуван репертоарот на штипскиот театар за сезоната 1923-1924, како и дипломата на првиот штипски хирург, д-р Христо Димитров.

Митев вели дека во неколку архивските кутии се кријат и оргиналните нотни записи на рускиот композитор Серхеј Михајлов, кој ги поставил темелите на музичкото образование во Штип. Тој е композитор и на првата изведена опера во Македонија, „Палјачи“.

Освен нотните записи во депото се чува и едно од неговите свидетелства од училиштето во Харков, издадено во 1904 година, а кога ја отворивме една од кутиите наидовме и на фотографии од неговите две кучиња, домашни миленици.

Сергеј Михајлов живеел за музиката, својот имот го оставил на градот. Во неговата куќа денеска е сместено Државното средно музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во старата населба Стар Конак. Во неговиот поранешен дом и ден денеска се слуша музиката и се едуцираат талентираните музичари од источна и југоисточна Македонија.

-Во нашето депо со гордост чуваме документи на многу наши великани, меѓу кои и на музичкиот великан Сергеј Михајлов. Имаме повеќе нотни записи кои може да ви ги покажеме. Тој делувал во Штип, овде и починал во 1975 година и оставил големо културно наследство за нашиот град и околина – вели Зоран Минов, директор на подружница Штип-Архив.

Марио Паризов историчар во Архив-Штип дополнува дека имаат и приватни фондови од познати штипски семејства и дејци кои оставиле печат во времето кога дејствувале, создавале и донирале за заедницата.

– Интересен е делот за фамилијата Чепреганови. Се занимавале со продажба, зачуван е еден тефтер во кој се водела евиденција од тоа што е продадено. Како што кажавме имаме и  од Сергеј Михајлов. Значи тоа се сопствени фондови кои што се предадени во архивата, обработени и се кај нас на чување, така што луѓето може слободно да дојдат и да ги разгледаат, да истражуваат во тие фондови. И воедно во моментот го користам патот да упатам еден апел до сите оние кои што се подготвени да дадат нешто на чување во архивата. Луѓето малку потешко одлучуваат да дадат свои документи заради тоа што не знаат како се чуваат овде. Значи, сето тоа ќе биде средено во неколку копии и ќе направиме фонд- вели Паризов.

Архивските документи се чуваат по стандарди

Директорот на Архив-Штип, Минов објаснува  дека најзначајните архивски документи се чуваат во сеф, во лимени сандаци и на рафтови кои што се по стандард.

-Важно е да напоменеме, секој Архив треба да биде подалеку од река, да биде на повисоки места како што е нашиот на рид и тие стандарди ги исполнуваме. Значи, ние сме на соодветно место и документацијата е соодветно чувана. Мора да има идеална влага, идеално струење на воздухот, соодветна топлина. Да нема прашина. Ние имаме Одделение кое се грижи за сето ова и гледаме на најдобар можен начин да ги зачуваме. Затоа што ова е едно наследство од минатото, за иднината.Температурата треба да е од 18 до 21степен, а влажноста од 75-85 проценти- вели Зоран Минов, директор на подружница Штип-Архив.

Минов, Паризов, Митев и Шалев низ разговорот за МИА велат дека најпосетувани се од студентите по Архитектура, кои бараат фотографии или документи од стари градби, потоа доаѓаат граѓани, на кои им требаа свидетелства за завршено основно или средно образование, поранешни работници од згаснатите фирми од 13 општини од Источниот регион, кои бараат документација за регулирање на работниот стаж, за остварување на пензија.

Вработените во македонските подружници на Архивот се грижат и одат во контрола низ градовите, каде што има архиви на неколку државни институции во кои се чуваат значајни документи.

Зградата на штипскиот Архив изградена од сиров бетон и железо

Покрај богатството што го чува во своите депоа, зградата на штипскиот Архив, внимание привлекува и со својата архитектура. Архитектонскиот стил во кој е изграден овој објект се нарекува брутализам. Зборот брутализам не доаѓа од зборот „брутално“, како асоцијација за изгледот на таквите објекти, туку од називот на сировиот бетон од кој се градат зградите –  béton brut.

Објектот е проектиран од еден од најпознатите македонски архитекти, Георги Константиновски и е изграден во 1976 година. Депоата располагаат со повеќе од 600 метри квадратни простор и има три нивоа.

Во штипскиот Архив во 2019 година се снимени и дел од сцените на познатиот македонски филм „Господ постои, името и е Петрунија“, во режија на Теона Стругар Митевска, а една од улогите ја игра и нејзината сестра Лабина Митевска. Работен е по вистинит настан што се случил на Водици во 2014 година, во историската населба Ново Село.

Викторија Димитрова-Јованова за МИА