Бенџамин Луис (48), убивал животни поради верување дека со пиење крв ќе го продолжи својот живот. По убиствата, нивните тела, со превртени крстови и тарот карти покрај нив, ги оставал пред и во црквите во националниот парк Њу Форест во Англија.

По направениот претрес, во неговиот дом биле пронајдени цртежи со вампири, белешки со ритуали и записи за пиење крв. Анализата покажала присуство на неговата ДНК врз остатоците на едно јагне, по што Луис бил уапсен. Тој ја признал вината за убивање на животните и намерно вознемирување на жителите.

За време на истрагата биле набљудувани црквите според датуми на сатанистичкиот календар. Делата биле извршени во текот на минатата година.

Според психијатриските извештаи, Луис страда од сложени психички нарушувања. Според докторите, тој верува дека со пиење крв ќе го продолжи својот живот, ќе ја избегне смртта и ќе стане вампир, по што му било одредено задолжително психијатриско лекување.

Ова не е првпат Бенџамин Луис да се соочи со законот. Во 2003 година тој бил приведен поради заканувачки телефонски повици кон еден свештеник и неговото семејство, претставувајќи се како вампир.

Фото: Пиксабеј