Амбасадата на САД во Приштина ги повика политичките лидери на Косово да постапуваат во согласност со Уставот и одлуките на Уставниот суд и што поскоро да ги формираат новите институции врз основа на резултатите од парламентарните избори од 7 јуни.

Во одговор за порталот „Газета експрес“, Амбасадата оцени дека долготрајниот политички застој му нанесува штета на Косово и доведува до пропуштени можности.

– Дојде време лидерите да му дадат приоритет на напредокот и стабилноста, во интерес на сите граѓани, наведува Амбасадата.

Според одлуката на Уставниот суд, рокот за конституирање на новиот состав на Собранието истекува на 7 август на полноќ.

Лидерот на Самоопределување Аљбин Курти, изјави дека му е потребно дополнително време за политички разговори и дека процесот ќе продолжи откако ќе биде постигнат договор за избор на претседател на Косово.

Од американската Амбасада, пак, порачаа дека граѓаните очекуваат нивните избрани претставници да ги исполнат преземените обврски и да дејствуваат во најдобар интерес на државата.