Собранието на Косово соопшти дека продолжението на конститутивната седница ќе се одржи утре, иако уставниот рок за нејзино завршување истекува вечерва на полноќ.

Веднаш по објавувањето на терминот за продолжување на седницата, реагираше опозициската Демократска партија на Косово (ДПК), која изрази загриженост поради, како што наведе, кршењето на уставниот поредок од страна на Движењето Самоопределување, кое, според партијата, денеска одбило да го испочитува рокот утврден со пресудата на Уставниот суд за конституирање на Собранието.

Од ДПК порачаа дека нема да останат настрана пред ваквите постапки. Според партијата, Уставниот суд јасно утврдил дека Собранието мора да биде конституирано во рок од 30 дена од потврдувањето на изборните резултати.

„Тој рок истекува вечерва. Наместо да ја исполни оваа уставна обврска, парламентарното мнозинство одлучи да ја игнорира одлуката на Уставниот суд и преку највозрасниот пратеник, кој претседава со конститутивната седница, да го закаже нејзиното продолжение за утре, по истекот на рокот“ – се наведува во соопштението.

Најголемата опозициска партија оценува дека ваквиот потег претставува опасен преседан за функционирањето на правната држава.

„Демократската партија на Косово најостро се спротивставува на овој потег, кој не е само прекршување на пресудата на Уставниот суд, туку и опасен преседан за функционирањето на правната држава. Никој не може да се стави над Уставот, а најмалку оние што имаат обврска да го штитат и спроведуваат “ – се наведува во реакцијата.

Од ДПК сметаат дека лидерот на Самоопределување, Аљбин Курти, партиските интереси ги ставил пред државните.

– За жал, уште еднаш се покажа дека Аљбин Курти ја стави партиската волја над Уставот на Републиката и партискиот интерес над државниот интерес. Жално е што политичкиот субјект кој ја доби довербата од граѓаните да формира нови институции ја држи Република Косово како заложник на сопствените политички калкулации, одложувајќи го нивното формирање и создавајќи уставна несигурност, се наведува во соопштението.

Партијата нагласува дека за неа Уставот не е прашање на политичко толкување, туку темел на демократскиот и правниот поредок на државата.

– Затоа, како и секогаш кога е загрозен уставниот поредок, ниту сега ДПК нема да остане настрана. Заштитата на Уставот и владеењето на правото е обврска кон граѓаните и Република Косово. На Косово му се потребни функционални институции, политичка стабилност и почитување на законите. Нема функционална демократија таму каде што волјата на една партија се става над Уставот на Косово. За жал, Аљбин Курти денеска повторно го избра токму тој пат, се додава во реакцијата.

И Еуген Цаколи од Косовскиот демократски институт (КДИ) оцени дека закажувањето на продолжението на конститутивната седница за утре во 11 часот претставува отворено кршење на Уставот и нарушување на уставниот поредок. Тој ги повика пратениците да се обратат до Уставниот суд и да побараат привремена мерка за запирање на седницата.

Според Цаколи, претседавачот на седницата Авни Дехари имал обврска продолжението да го закаже во текот на денешниот ден, за постапката да заврши во рамките на уставниот рок.

– Рокот од 48 часа за пауза претставува процедурална граница и се применува исклучиво во рамките на уставниот рок. Со закажувањето на продолжението на седницата по истекот на рокот, а Самоопределување со неискористувањето на своето исклучиво право во рок од 30 дена да предложи кандидат, им беше оневозможено на пратениците да ги остварат своите уставни права и обврски, напиша Цаколи на Фејсбук.

Тој додаде дека оваа одлука, заедно со преземените постапки, претставува процедурално и уставно прекршување, како и неспроведување на пресудата на Уставниот суд.

Поради тоа, Цаколи повика веднаш по полноќ најмалку десет пратеници да поднесат барање до Уставниот суд за оспорување на одлуката седницата да биде закажана по истекот на уставниот рок, како и на непостапувањето на 6 и 7 август. Истовремено, тој побара до Судот да биде доставено и барање за изрекување привремена мерка за запирање на седницата закажана за утре во 11 часот.