Шумските пожари на југот и во централниот дел на Шпанија, во Уелва, Кастиља и Сеговија, на околу 90 километри оддалеченост од Мадрид, и понатаму се активни, а нивното гаснење бара распоредување на голем контингент копнени и воздухопловни ресурси, соопштија денеска шпанските власти.
Во гаснењето на пожарите ширум Шпанија денеска учествуваат 21 авион и околу 300 пожарникари, меѓу кои и припадници на Воената единица за вонредни ситуации, јави шпанската национална телевизија РТВЕ.
Во текот на изминатата ноќ временските услови незначително им го олеснија гаснењето на пожарите на противпожарните тимови поради падот на температурите и зголемувањето на релативната влажност на воздухот, но властите остануваат внимателни поради прогнозата за промена на ветерот и значителен пораст на температурите во наредните денови.
Според Министерството за еколошка транзиција, во Шпанија досега се забележани 40 големи шумски пожари, во споредба со 15 пожари во истиот период минатата година.
Од почетокот на годината во пожарите изгореа околу 200.000 хектари земјиште ширум Шпанија, што е бројка шест пати поголема од онаа забележана во истиот период во 2015 година.




