-Д-р Кирил Лазов, директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, инаку, специјалист по трансфузиона медицина, реагира по повод кривичната пријава од СДСМ за случајот во Гостивар, а во која е наведено и неговото име.
„Уште една небулозна кривична пријава од СДСМ, уште еден обид со политички театар да се прикрие недостатокот на одговори за сопственото постапување“, вели д-р Лазов во својата реакција на социјалните мрежи по повод пријавата. Во неговата објава, натаму стои:
„Наместо со кривични пријави да бараат виновници на прес-конференции, најпрво треба да дадат одговори што направиле тие додека биле надлежни, какви мерки преземале и што пропуштиле да преземат во однос на долгогодишниот проблем со водата во Гостивар.
Најлесно е денес да се впери прст кон други. Многу потешко е да се погледне сопственото постапување од времето кога ја имавте одговорноста и институциите во свои раце.
Ваквите политички маневри нема да го променат мојот пристап. Продолжувам со професионална, одговорна и законита работа, исклучиво во рамките на надлежностите на ДСЗИ.
Секоја одлука и секое постапување во рамките на моите надлежности е достапно за проверка од надлежните институции. Институциите нека постапуваат, а фактите нека зборуваат.
Нема да дозволам дневно политичките пресметки да го нарушат достоинството на ДСЗИ, ниту угледот на професионалците кои чесно, посветено и одговорно ја извршуваат својата работа.
Продолжувам со крената глава, чиста совест и уште поголема посветеност на работата.“




