Братислав ДИМИТРОВ

Во нашата поранешна држава СФРЈ имаше периоди на сурова сиромаштија. Кога немаше доволно бензин, колите со парен последен број на регистарската табличка смееја да возат само во денови со парен датум. Тие со непарен број само во непарни датуми. Недостасуваа зејтин, шеќер, детергенти и други увозни производи. Редовно и со часови немаше струја, а долго време немаше и кафе. После имаше, ама под услов со кафето да купиш и вињак „Бурдуш“, кој беше игнориран заради безбедносни причини.

Цигари се купуваа „на комад“, од една, па нагоре. Еднаш неколку копиљаци одиме до трафиката на „Партизанска“ за да го заебаваме продавачот, кој стално нè бркаше дека ги читавме стриповите без да ги купуваме. „Продавате цигари на парче?“ Тој отровно промрчи: „Продаваме“. Тогаш Пеце Шиник му рече: „Дајте нѝ дваесет“ и ние се закикотевме. Тој ја искина кутијата, ги извади од неа сите 20 цигари и ги стави пред нас, со насмевка од шпагети вестерн.

Немаше уште многу работи во тој социјализам. Немавме и пари, ама бевме богати. Тогаш имаше другарство, емпатија и солидарност. Стои шизик на корзо и си прави кругчиња со димот од цигарата. Некој што нема цигари му вели: „Дај еден дим“. Шизикот му ја дава цигарата, а овој го вовлекува димот како правосмукалка „Кирби“. Тука се јавува друг со втората класична реплика: „Остај да пушам“. И кога ќе го добие догорчето, го шмука додека не му пожолтат прстите. Човек ако е гладен за било што како дете, цел живот ќе биде гладен, па макар да стане и милијардер. Јас и ден денес насекаде ѕвечкам со ситни пари во џебовите. Ми остана траума од социјализмот, кога кусур нѝ враќаа со мастики „цигари“ наместо пари. Затоа немојте да нѝ браните да пушиме цигари, затоа што ние не ви браниме да не пушите.

За да нема забуни. Цигарите се прават од тутун, а тутунот расте на нива исто како спанаќ, боранија или леќа. Дали има разлика? Има. Вкусот од димот на цигарите е далеку повкусен од спомнатите земјоделски производи. Пошто планирате да нè ставите во резервати, ние се чувствуваме како Индијанци и бараме да имаме право на димни сигнали. Не може? Знам. Уште одамна сум предупредил и пак ќе повторам. Проблемот е во тоа што вие (како и сите лоши ученици) препишувате закони (без никаква селекција!) од други цивилизации. А законите ако не произлегуваат од традицијата на конкретниот народ, секогаш прават проблеми поголеми отколку кога нема никаков закон.

На т.н. „Запад” силно е истакнат и максимално експлоатиран митот за вечната младост. Цели индустрии прават астрономски профити користејќи ја лаковерноста и глупоста на луѓето. Да бидам искрен и јас бев глуп. Кога кај себе ги видов првите школски симптоми на криза на средните години, почнав „здраво” да се хранам. Цела недела мешав корнфлекс, мешункасти растенија и друга птичја храна. Признавам, крвниот притисок и сè останато ми беше нормално, ама јас почнав да станувам ненормален.

Во тоа време се продаваа некои „чудотворни” прашоци чија вредност секој домаќин ја пресметуваше во пилиња, јариња или прасе. Не случајно тогаш се појави очајнички оглас: „Менувам „Херба лајф” со само една искористена доза, за било која пица”. Тогаш и јас решив да спасувам жива глава! За почеток мавнав четврт бурек и симит погача, наредните денови чкембе и сите други чорби. А за финалето (како триумф на мојата победа) во Куманово нарачав мезл’к, со глас на човек кој штотуку купил „ролс-ројс”. Следниот ден по брза пошта нарачав ширден од Прилеп.

Што да се прави? Тоа е иронијата на животот. Сè што е корисно, здодевно е и банално. Сè што е штетно, интересно е и возбудливо.

Инаку, мене забраната на цигарите воопшто не би ми пречела кога би била искрена. Но законот што доаѓа од „нашите пријатели во Брисел” е крајно лицемерен. Агресивна пропаганда на секој чекор, а цигарите слободно се продаваат на истиот тој чекор. Цените се движат од 5 до 19 евра за една кутија! Значи, на тие  што имаат пари сè им е дозволено, а сиромашните можат да пушат ќоше од зграда? Второто лицемерие нервира уште повеќе. На кутиите со цигари има страшни фотографии од тешки болести. Тоа е исто како кога ќе купиш автомобил, заедно со него да ти дадат налепница со фотографии од крвави сообраќајни несреќи, за да ја залепиш на шофершајбната.

И зошто пушењето да се забрани, а трачарање, алапачирање и сплеткарење е дозволено во истите тие кафеани иако тој ментален отров е далеку поштетен од никотинот? Од војните и грабежите на држави умираат безброј луѓе. Тоа не ви изгледа штетно, а? Пушачите не се зависници, тие се уживатели во никотинскиот ритуал. Тоа е мерак, ќеф, лезет, раат, севдах… и не може да штети. Најмногу штети намќорлакот додека пиете млеко и јадете мед, башка авокадо и манго.  Никогаш не сум слушнал дека некаде се забранети екстремни спортови. Или можеби тие активности не се опасни како цигарите? И конечно, кога ќе ви текне да го забраните гладот на милиони дечиња во светот? И кога ќе го забраните насилството во секоја форма, хуманисти низаедни! Не ве прашувам за грижата на стари и изнемоштени лица, тие одамна не постојат.

Дали знаете нешто друго освен забрани и казни? Замислете во времето на каубојците и индијанците да било забрането пушењето. Уште колку жртви ќе имало затоа што нема да можеле да го испушат „лулето на мирот”? Како би изгледало тоа примирје кога наместо со задимено луле, мирот би го склучувале со кркање хамбургери и чизбургери, плус кока-кола?

Ај некако ќе разберам што цигарите се набркани од јавните објекти, ама зошто и од филмот? На што ќе личи онаа сцена во „Казабланка”, кога Хемфри Богарт ќе му ја каже на барменот редовната нарачка: „Како и секогаш“. А тој наместо дупли виски без мраз и „честерфилд“ без филтер, да му донесе оранжада со цевче и ментол бонбони!? А после кога ќе дојде на закажаната вечера раскошната Ингрид Бергман, славниот Боги да нарача соја и брокули со цеден сок од цвекло, затоа што тоа било „многу здраво?“ И наместо димот на цигарите мистично да ја замагли сцената и на ѕидот да стои натписот „не пукајте на пијанистот“, да гледаме обесени пароли за голема штетност на пушењето. Па и животот е штетен по здравјето па сите го живееме.

Со најавената последна забрана, социјалниот живот и оној весел и опуштен џагор на јавните места неповратно ќе биде убиен. Иронијата на случајот е уште поголема. Патем и непушачите ќе го загубат своето задимено ама искрено друштво. Разочаран сум во својот народ. Зошто нам (како најголеми пронаоѓачи на дупки во закони) не нѝ текна на трикот што го направила некоја баба во Ирска? Таа својата кафеана ја регистрирала како „институт за испитување на тутунскиот дим”. Во кафеаната може да се резервира место само неколку месеци однапред!

П.С.

Животот е непредвидлив. Вчера ги оставив цигарите. На клупа во парк. Денес купив цела штека. Да прочистам малку плуќа.