Здружението на новинари на Македонија алармира за директни закани по живот кон новинарот и колумнист Ерол Ризаов. Во коментари се повикува на негово физичко елиминирање. Се бара „јунак“ што ќе „расчисти“ со него. Се бара да биде „решен на експресен начин“. Ова не е обичен интернет-инцидент. Ова е директна последица од политиката што ја води Христијан Мицкоски и организираната криминална група ВМРО, се вели во соопштението од СДСМ што МИА го пренесува интегрално.

Политика на поделби.

Политика на сеење омраза.

Политика од деведесеттите години.

Мицкоски ја официјализираше оваа атмосфера уште на најголемиот државен празник – Илинден, кога дел од граѓаните што не се согласуваат со неговата политика ги нарече „талог“.

Оттогаш кампањата продолжи. Секојдневно. Систематски.

Кога премиер го дели народот на „патриоти“ и „талог“, кога со месеци се создава атмосфера во која поинаквото мислење се третира како непријателство, тогаш заканите кон новинари се само логична последица.

Бараме итна и целосна реакција од МВР.

Бараме идентификација на профилите што се закануваат со смрт.

Бараме Јавното обвинителство да постапи без одложување.

Слободата на говорот и безбедноста на новинарите се темелни права на секое слободно и демократско општество.

Не смееме да ја заборавиме деценијата на мрак под власта на ВМРО и Груевски.

Денес, Мицкоски повторно се обидува да создаде атмосфера на страв, притисок и замолчување. Не смееме да дозволиме истото да се повтори.

Оваа атмосфера на омраза ја создадоа тие. Тие треба да одговараат за последиците.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

Фото: МИА архива