Најновото лансирање на кинеската ракета „Лонг марч 7А“ (Long March 7A) заврши неуспешно откако леталото експлодираше само 85 секунди по полетувањето од вселенскиот центар Венчанг во провинцијата Хаинан, соопштија кинеските медиуми.
Зад мисијата стои кинеската државна корпорација за аерокосмичка наука и технологија (China Aerospace Science and Technology Corporation – CASC). Според достапните информации, во текот на овој лет ракетата требало да го постави во орбитата комуникацискиот сателит „Жонгсинг-4Б“ (Zhongxing-4B), наменет за обезбедување телекомуникациски и широкопојасни услуги. Со оглед на тоа што ракетата се запали во раната фаза од летот и се претвори во огнена топка, мисијата заврши со целосно уништување на леталото и на неговиот товар.
Снимки од инцидентот брзо се појавија на социјалните мрежи, прикажувајќи чад и остатоци распрскани по небото. Поради овој инцидент веднаш е одложено и планираното лансирање на кинеската ракета „Џуке-3“ (Zhuque-3) од вселенскиот центар Џиучуан.
Причината за експлозијата засега не е официјално соопштена.
Кинеските власти допрва треба да спроведат истрага, а евентуалниот дефект би можел да влијае и врз следните планирани мисии од семејството ракети „Лонг марч 7“.
Ова беше 18-то лансирање на ракетата „Лонг марч 7А“ од нејзиниот прв лет во 2020 година, кој исто така заврши неуспешно поради проблем со моторот.
Инаку, ракетата „Лонг марч 7А“ е висока повеќе од 60 метри и има капацитет да понесе до седум тони товар во геостационарна трансферна орбита (GTO).




