Ракот на дебелото црево станува сè почест кај луѓето во 50-тите години, но и кај помладите, а научниците сè повеќе се загрижени поради зголемената отпорност на болеста кон хемотерапијата.

Сепак, ново откритие на тим научници од Белфаст може да донесе надеж за пациентите, откако истражувачите го идентификувале механизмот поради кој третманот станува помалку ефикасен.

Според истражувачите од Универзитетот „Квинс“ во Белфаст, клетките на колоректалниот карцином кои преживуваат доза од хемотерапевтскиот лек 5-флуороурацил (5-FU) успеваат да ги приспособат своите митохондрии, односно клеточните „централи за енергија“, со што го избегнуваат дејството на терапијата.

„Клетките на ракот можат да ги репрограмираат овие функции за да го поддржат растот на туморот и да се справат со стресот, што им помага да станат отпорни на третманите кои инаку би ги уништиле“, објаснува Ема Кер, виша предавачка во Центарот за истражување на ракот „Џонстон“ при Универзитетот „Квинс“.

Митохондриите имаат клучна улога во нормалните клетки, бидејќи го координираат производството на енергија, метаболизмот и сигналите кои одредуваат дали клетката ќе преживее или ќе умре. Студијата, чиј главен автор е Кер, е објавена во научното списание „Nature Metabolism“.

Истражувачите утврдиле дека лекот 5-FU предизвикува метаболички стрес во клетките на ракот, по што митохондриите се приспособуваат за да им овозможат на клетките да преживеат.

Според научниците, отпорноста кон лековите останува еден од најголемите предизвици за ефикасно лекување на пациентите со рак ширум светот.

Во меѓувреме, тим од клиниката „Мејо“ идентификувал досега непознат механизам преку кој оштетените или нефункционалните митохондрии поттикнуваат хронично воспаление, кое се поврзува со повеќе болести поврзани со стареењето, меѓу кои и ракот.

Студијата на истражувачите од „Мејо“ беше објавена во списанието „Nature“ кон крајот на јули. Во неа се опишува како таканаречените „зомби-клетки“ се натрупуваат со стареењето на организмот.