Топлотните бранови што ја погодија Франција во изминатите неколку месеци би можеле да предизвикаат директни и индиректни економски загуби во вредност од 10 до 15 милијарди евра, изјави денеска француската министерка за животна средина Моник Барбју, повикувајќи се на најновите проценки на Националниот институт за статистика и економски истражувања (ИНСЕЕ).
Барбју предупреди дека периодот на екстремни горештини сè уште не е завршен и дека последиците по економијата и понатаму акумулираат трошоци.
За споредба, сушата во 2022 година предизвика директни и индиректни трошоци од околу 5,6 милијарди евра. Сепак, годинашните топлотни бранови траат значително подолго и се со поголем интензитет, проследени со обемни шумски пожари и сериозен пад на земјоделското производство, посочи министерката.
Таа додаде дека продолжената суша во Франција веќе остави повеќе од 40.000 луѓе со ограничен пристап до питка вода.
Според проценките на водечки економисти и научници, рекордните температури и сушата во Европа ова лето би можеле да предизвикаат вкупни загуби од стотици милијарди евра на ниво на целиот континент.
Екстремните временски појави поврзани со глобалното затоплување сериозно го нарушуваат функционирањето на енергетскиот сектор и речната пловидба, драстично го намалуваат земјоделскиот принос и вршат огромен притисок врз националните здравствени системи.
Големите шумски пожари дополнително ги зголемуваат материјалните штети, создавајќи ризик ова лето да стане најтешката сезона со екстремни временски непогоди во Европа откако се води официјалната статистика.




