Заедничката европска валута, еврото, продолжува да бележи ниски нивоа во однос на албанската валута-лек, достигнувајќи историски најниска вредност на домашниот пазар од неговото пуштање во оптек како физичка валута.

На девизниот пазар денеска се купува за 92,4 леки, а се продава за 93,3 леки.

Од почетокот на 2026 година, еврото изгуби околу 3,8% од својата вредност во однос на албанската валута, додека во споредба со највисокото историско ниво од над 140 леки, забележано во февруари 2011 година, европската валута сега се менува за околу 47,5 леки помалку, што претставува намалување од околу 34%.

– Тоа се должи на повеќе фактори, почнувајќи од странските инвестиции во недвижности во Албанија, дознаките на иселениците, па сè до менувачките операции во големи износи, што е условено од масовното присуство на странски туристи и иселеници, објавија медиумите.

Брокерите на девизниот курс очекуваат европската валута да претрпи дополнително намалување на вредноста, имајќи го предвид фактот дека во ек е летната туристичка сезона, а не стивнува ни големиот интерес на странците за купување недвижен имот.

– Ваквиот тренд позитивно ќе се одрази кај сите оние лица кои имаат кредити во евра, бидејќи ќе плаќаат помалку. И Владата има корист од силниот лек во однос на еврото, бидејќи плаќа помалку за надворешниот долг, оценуваат економските експерти.

Според нив тие што се директно оштетени се извозниците бидејќи ја продаваат стоката во евра, добивајќи помал профит.

Фото: архива