Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски оствари работна средба со претставници на меѓународната туристичка групација „Корендон“, на која во фокусот беа можностите за соработка во областа на авиосообраќајот и туризмот.

Како што соопштуваат од Министерството за туризам, на средбата Николоски го истакнал огромниот потенцијал на Македонија како туристичка и авио-дестинација, особено во услови на континуиран раст на воздушниот сообраќај и зголемен прилив на странски туристи.

„Македонија има голем потенцијал за развој на авиосообраќајот и туризмот и тоа го докажуваме во континуитет. 28 нови дестинации, растот од 40 проценти во авиосообраќајот, преку 20 проценти раст на туристите е јасен показател дека интересот за Македонија расте. Нашата цел е овој тренд да го претвориме во нови авиолинии, повеќе туристи и нови инвестиции и отворени сме за соработка“, истакнал Николоски, велат од таму.

„Корендон“ е меѓу трите водечки туроператори во Холандија и Белгија и нуди пакет-патувања до повеќе од 50 дестинации. Групацијата располага со повеќе од 40 авиони кои летаат под знамињата на Турција, Холандија и Малта, а во сегментот на тур-операторските услуги годишно опслужува околу 850.000 клиенти. „Корендон ерлајнс“ годишно превезува меѓу 6 и 10 милиони патници.

На средбата било заклучено дека постои простор за идна соработка, особено преку отворање нови можности во авиосообраќајот, привлекување странски туристи и разгледување потенцијални инвестиции во Македонија, соопштуваат од Министерството за туризам.