Бројот на загинати цивили во Украина во текот на јули достигна највисоко ниво од мај 2022 година досега, покажува денеска објавениот извештај на Обединетите нации.
Најмалку 437 цивили биле убиени, а 2.610 биле ранети минатиот месец, што претставува зголемување од 30 отсто во однос на јуни и дури 70 отсто во споредба со јули минатата година, предупреди Набљудувачката мисија на ОН за човекови права во Украина.
„Бројот на загинатите достигна највисоко ниво регистрирано од мај 2022 година“, посочуваат од мисијата на ОН.
Според анализата на француски медиуми базирана на секојдневните извештаи на украинските воздухопловни сили, Русија во јули истрелала рекорден број ракети врз Украина, во услови кога Киев врши постојан притисок врз американскиот претседател Доналд Трамп да му обезбеди дополнителни системи за противвоздушна одбрана.
Од почетокот на годината, организацијата на ОН регистрирала вкупно 1.839 загинати и 10.638 ранети цивили во Украина. Ова претставува зголемување од 44 отсто во споредба со истиот период минатата година и повеќе од двојно зголемување во однос на 2024 година.
– Цивилното население е изложено на зголемени ризици поради засилената употреба на ракети и беспилотни летала во урбаните центри, на наведувани бомби во градовите поблиску до линијата на фронтот, како и на беспилотни летала со краток дострел – истакна шефицата на мисијата на ОН, Даниел Бел.
Особено тешко погоден во минатиот месец беше украинскиот главен град Киев, каде што бројот на жртвите достигна најмалку 54 загинати, а уште 202 лица беа ранети. Руските сили во повеќе наврати извршија масовни напади врз Киев со балистички и крстосувачки ракети. Беспилотните летала и ракетите со долг дострел остануваат главна причина за цивилните жртви, се наведува во извештајот.
Во меѓувреме, мисијата истакнува дека во јули се зголемил и бројот на цивилни жртви во Русија, каде што руските власти пријавиле 79 загинати и 601 ранет цивил. Меѓутоа, од ОН нагласуваат дека не успеале независно да ги потврдат овие податоци поради недостаток на пристап и ограничени информации на терен.
Во последните месеци нападите се засилуваат од двете завојувани страни, четири и пол години по почетокот на целосната руска инвазија врз Украина.




