Општина Валандово викендов ја реализира последната фаза од реконструкција на регионалниот пат Р1105, на делницата Удово – Јосифово. Како што информираат општинските власти, градежната механизација интензивно работи на еден од најоштетените делови од оваа значајна сообраќајница.

– Со завршувањето на работите, оваа делница добива значително подобри услови за одвивање на сообраќајот, со што се зголемува безбедноста за возачите, пешаците и сите останати учесници во сообраќајот. Со реализацијата на овие инфраструктурни зафати, постепено се создава побезбедна, поквалитетна и помодерна патна мрежа, која е од особено значење за жителите на Валандово и околните населени места, но и за сите граѓани и патници кои секојдневно го користат овој регионален правец, велат од Општина Валандово.
Реконструкцијата на делницата Удово – Јосифово се работи во рамки на пошироките активности за подобрување на регионалната патна инфраструктура. Според надлежните, претходно се завршени реконструкциите на делови од регионалниот пат Р1105, на потегот од „Страиште” до влезот во Валандово, како и делницата од детската градинка „Калинка“ до месноста „Два Јавора“.




