Земјотрес со локална магнитуда од 2,5 степени според Рихтеровата скала денес попладне беше почувствуван во Гостивар и околните населени места, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Според официјалните податоци, земјотресот бил регистриран во 16:10 часот, а неговиот епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, на околу 47 километри југозападно од Скопје.
Потресот бил почувствуван од жителите на Гостивар и околината со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала.
Од Сеизмолошката опсерваторија ги повикуваат граѓаните кои го почувствувале земјотресот да го пополнат прашалникот за почувствуваност на нивната официјална интернет-страница или да се јават на бројот 112, со цел прибирање податоци за сеизмолошките истражувања.




