На 16 август, со почеток во 20:00 часот, Националниот џез оркестар ќе настапи во Битола, во рамките на програмата на Битолското културно лето БИТ ФЕСТ.
Под диригентската палка на маестро Владимир Николов, оркестарот ќе ја ќе ја претстави својата концертна програма „Македонски сновиденија“ – енергична фузија од македонскиот фолклор и современиот џез, водејќи ја публиката низ музичко патување инспирирано од длабоките културни корени на македонската традиција, прераскажани преку слободниот јазик на џезот. Програмата е составена од нови аранжмани на македонски народни песни и оригинални композиции инспирирани од домашниот фолклор.
Овој уникатен проект веќе постигна огромен успех на меѓународната сцена. Во ноември 2025 година, оркестарот реализираше исклучително успешна европска мини – турнеја, претставувајќи ја македонската музичка приказна во големата сала „ELTE“ во Будимпешта, модерниот културен центар „La Fabrika“ во Прага, како и во легендарниот џез клуб „Porgy & Bess“ во Виена. Низата меѓународни успеси продолжи и во мај 2026 година, кога истата програма беше изведена во Брисел, во престижниот културен центар „BOZAR“, каде оркестарот уште еднаш беше пречекан со стоечки овации и високи оценки од европската публика.
Националниот џез оркестар е еден од водечките биг-бенд состави во регионот, препознатлив по својата уметничка извонредност, современ пристап и силна посветеност кон развојот на современата џез музика. Оркестарот обединува врвни домашни џез музичари и меѓународно признати гости – уметници. Основан како национална институција во 2024 година, тој брзо стана централна сила во културниот живот на земјата. Со иновативна програма и распродадени настапи, тој изгради репутација како национален џез бренд. Меѓу гостите солисти досега се истакнуваат Курт Елинг, Јелоуџекетс, Курт Розенвинкел, Марија Мендеш, Дони МекКаслин, Алаин Перез, Ренато Кико, Дон Менца, Шеун Кути, Зиги Фајгл, Луис Бониља, Франческо Беарцати, Мајк Холобер, и други меѓународно признати уметници. Сите тие придонесоа за растечкиот меѓународен профил на оркестарот.
Диригентот Владимир Николов е композитор чие творештво опфаќа широк спектар на музички јазици и жанрови, црпејќи инспирација од класичната музика и џезот. Како аранжер соработувал со ансамбли како што се Metropole Orchestra, Konzerthausorchester Berlin, BBC Radio Orchestra. Меѓу соработниците, се истакнуваат: Џон Клејтон, Ренди Брекер, Винс Мендоза, Шака Кан, Џејкоб Колиер, и многу други. Тој оркестрирал музика за неколку филмски проекти, меѓу кои добитникот на Оскар „The Artist“ (2012). Исто така го оркестрирал аранжманот за преработката на „All Night Long“ од Џејкоб Колиер, награден со Греми 2020 година.
Концертот се реализира во соработка со Општина Битола, КИЦ – Битола и Центарот за култура – Битола.




