„Сите си го сакаме бисерот на Македонија, Охрид. Сега полесно се стигнува, а уште полесно ќе се стигнува“, рече македонскиот пијанист со светска слава Симон Трпчески на синоќешниот концерт во Античкиот театар во Охрид.

Пред публиката зборуваше за својата посебна поврзаност со градот и за автопатот Охрид-Кичево, кој е во фаза на изградба.

-Убаво е што се освестуваме полека. Да си помогнеме себеси, да ни е убаво за подобро утре, рече Трпчевски.

Трпчески посочи дека Охрид отсекогаш за него бил многу повеќе од место за одмор и дека секое враќање му буди силни чувства.

„Овде го имав првиот солистички концерт, во 1993-1994 година. А првпат сум на Антички театар по 2010. Секоја година како помлад ја поминував во Охрид и буквално секојпат кога ќе доаѓам нешто ми се буричка внатре, што е нормално. Многумина од нас како деца немавме можност да излеземе надвор од Македонија“, рече Трпчески.