Владата одбива да покаже анализа или официјален резултат за водата во Гостивар, рече на прес-конференција Кети Штерјова од СДСМ, се наведува во соопштението на СДСМ која секојдневно и упорно создава паника кај граѓаните за водата.
Во продолжение и денешната епизода од серијалот прес-конференции и соопштенија на СДСМ, која две години како опозиција е многу позагрижена за водата и здравјето на граѓаните отколку во време на седумгодишното владеење. Во продолжение интегрално текстот од прес-конференцијата:
Мицкоски се врати од екскурзијата ама повторно не отиде во Гостивар, не отиде кај граѓаните кои повеќе од еден месец пиеја загадена вода. Од Скопје прати експертско уверување дека водата во Гостивар е безбедна и дека водоводниот систем го исчистиле „како никогаш досега“.
После Тошковски и Ангелов, сега и Мицкоски е експерт за чистење на водоводни системи. Но владата одбива да покаже анализа или официјален резултат за водата во Гостивар.
Зошто се уште нема официјално објавен документ со кој се потврдува дека водата е чиста и здрава за пиење?
Каков е овој однос кон граѓаните на Гостивар после се што се случуваше?

Пред три и пол недели, исто така без да покаже анализа, документ, Мицкоски најави техничка вода за користење и многу брзо вода за пиење.
Само неколку дена потоа Ангелов кажа дека во водата има бактерија, а Клековски дека има повеќе бактерии и да најави резултати на 20 август.
Под притисок на јавноста, одеднаш најавуваат дека водата е безбедна неколку дена порано.
И повторно без да покажат официјален документ, анализа, извештај – кој гарантира дека водата во Гостивар е безбедна.
Пет илјади граѓани во Гостивар беа со здравствени последици поради загадената вода со фекалии. Смачено им е на луѓето од најави и ветувања, а најмалку што им требаат срамните здравици пред камери и циркус.
Не им треба циркус, им треба вода, им треба одговорност. Во прашање е здравјето и животите на граѓаните.
Покажете ги јавно резултатите од анализите. Која институција направила анализа на водата и какви се резултатите? Кој го потпишал извештајот и кој со својот потпис гарантира дека водата е безбедна?
Бидете барем еднаш одговорни и сериозни – објавете го документот.
СДСМ – Центар за комуникации со јавноста




