Германската влада е длабоко поделена околу предлогот на социјалдемократите за измена на уставот со цел подобра координација и финансирање на мерките на политиките во областа на климатските промени, додека топлотните бранови го нарушуваат нормалниот живот во земјата.
Климатските промени ја погодуваат најголемата економија во Европа посилно од кога било досега: невиден пад на нивото на Рајна, слаба берба и жетва и зголемување на бројот на шумски пожари. Министерствата што ги држат социјалдемократите (СПД): животна средина, финансии, социјални работи, градежништво и развој, презентираа заеднички акционен план за подобра заштита на Германија од гореспоменатите ризици.
Документот вклучува национален акционен план против жештините, промени во законите за урбанистичко планирање и план за заштита на работниците од работа во екстремни температури. Во текстот, СПД, исто така, ја споменува својата намера да воведе клаузула во германскиот устав за „заедничка мисија за адаптација кон климатските промени и мисија за зачувување на природата“ .
Тој амандман е „предуслов за федералната влада да учествува во финансирањето на мисиите на општините или федералните држави и да гарантира климатски мерки на долг рок“, се вели во документот. До оваа реформа, постојните механизми за финансирање треба да се консолидираат во заеднички план „за подобро да се координираат и надополнуваат едни со други и да се гарантираат потребните финансиски ресурси“, според германски медиуми.
Засега, според германски медиуми има и противења од дел од парламентарните партии.
МИА




