Цветин ЧИЛИМАНОВ за МИА
Под водство на Гејтс, во средината на октомври 2019 година, само два месеци по „Кримсон контажион“ и три недели по верувањето на американските разузнавачки агенции дека ковид-19 почнал да циркулира во Вухан, кабалата на моќници и институции што го сочинуваат картелот за биолошка безбедност почна да ги подготвува носителите на одлуки за масовно иселување на информираните критичари на индустријата за вакцини од социјалните медиуми. Тој месец Гејтс лично организира уште една вежба за обука и сигнализација за владини функционери за биолошка безбедност. Оваа воена игра се состоеше од четири симулации на маса на светска пандемија на коронавирус.
Меѓу учесниците беа група високо рангирани кахуни од Светската банка, Светскиот економски форум, Центарот за население на Универзитетот „Блумберг/Џонс Хопкинс“, ЦДЦ, разни медиумски моќници, кинеската влада, поранешен директор на ЦИА/НСА, производителот на вакцини „Џонсон и Џонсон“, најголемата фармацевтска компанија во светот; шефови на индустријата за финансии и биолошка безбедност и претседателот на „Еделман“, водечката светска фирма за корпоративни односи со јавноста. Критичарите настроени конспиративно ја нарекуваат оваа кабала длабока држава. Директорот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб, ја нарече нивната агенда „Големо ресетирање“.

Голем дел од книгата „Вистинскиот Ентони Фаучи“ на актуелниот американски секретар за здравство Роберт Ф. Кенеди е посветен на медицинските аспекти на ковид-пандемијата, како и на финансиските елементи – одбивањето на здравствените власти во САД да користат евтини и достапни лекови, како „ивермектинот“, и инсистирањето да се направат скапи нови лекови и вакцини. Но значителен дел од книгата се однесува на политичките последици и мотиви на политичарите, бирократите и милијардерите што ги носеле одлуките.
Роберт Ф. Кенеди Јуниор е син на убиениот американски политичар Роберт Ф. Кенеди и внук на убиениот претседател Џон Ф. Кенеди. Како потомок на легендарната династија, но и како адвокат што работел на случаи во кои се залагал за заштита на животната средина, Роберт Кенеди бил сметан за ексцентричен, но сепак популарен член на високото друштво во САД.
Но со неговата одлука јавно да постави прашања во врска со одговорот на пандемијата – зошто не се фаворизира природниот имунитет, зошто се инсистира на новооткриени вакцини засновани на генетска манипулација, зошто не се користат евтините постојни лекови… Кенеди преку ноќ стана цел на медиумски напади. Десетина члена на неговото семејство, сестри, внуци и братучеди, јавно го критикуваа Кенеди, па дури снимија и видео во кое го осудија како антиваксер – противник на вакцините.
Во својата книга „Вистинскиот Ентони Фаучи“, Кенеди се осврнува и на медиумскиот и на пропагандниот елемент во одговорот на пандемијата, каде што опишува медиуми купени од страна на фармацевтската индустрија и под контрола на американското разузнавање, како и соучесништвото на компаниите што ги водат социјалните мрежи за замолкнување на сите критичари на власта.

Како најдобро познат пример на замолкнување на јавна личност, Кенеди ги посочува нападите врз популарниот поткаст-водител Џо Роган, кој јавно соопшти дека примал „ивермектин“ по дијагностицирањето ковид-19. Одеднаш повеќето од американските медиуми почнаа да го исмеваат Роган дека зел лек што бил наменет за коњи. „Кога во септември 2021 година популарниот комичар и водител на поткаст, Џо Роган, објави дека го победил ковидот за неколку дена користејќи коктел од лекови, вклучувајќи и „ивермектин“, глобалниот печат, владата и фармацевтските интереси се здружија за да го осудат и оцрнат. Државното радио НПР, кое зеде 3 милиони долари од Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, измамнички инсинуира дека Роган зел ‘ивермектин’ во дози што биле наменети за коњи. Администрацијата за храна и лекови предупреди да не се зема лекот велејќи дека дозите од лекот кај животните може да предизвикаат гадење, повраќање, а во некои случаи и тежок хепатитис. Но Роган никогаш не земаше ветеринарна паста од ‘ивермектин’. Роган рече дека разговарал со повеќе лекари, кои го советувале да го земе лекот. Тој ги следел нивните совети и оздравел извонредно бргу“, пишува Кенеди, кој додава дека, всушност, некои од лековите промовирани од Фаучи, како што е „молнупиравирот“, биле навистина првично измислени како лекови за коњи. „Многу долго е познато дека основните лекови се, секако, ефикасни кај сите цицачи бидејќи ние имаме заедничка биологија. Но медиумските компании ги отфрлија фактите и повикаа сите да се вклучат во нивните напади“.

Кенеди ја опишува својата шокираност од однесувањето на некои забавни медиуми, кои во минатото пишувале исмевачки рубрики за личности како Роган или за него лично, но кои со појавата на пандемијата одеднаш се претвориле во гласноговорници на фармацевтската индустрија.
Списанието „Ролинг стоун“ некогаш беше симбол на контракултурата, но во 2021 година се претвори во доверлив гласноговорник на медицинските картели. „Ролинг стоун“ објави дека имало многу случаи на предозирање на жителите на Оклахома со „ивермектин“, што ги преполнило ургентните центри до ниво што жртви на повреди од огнено оружје тешко добивале пристап до здравствени установи. Статијата беше придружена со фотографија која наводно прикажуваше долга редица граѓани повредени од огнено оружје кои бараат прием во болница за итни случаи во Оклахома, но која веќе е полна со цицачи отруени од лек против црви за коњи. Сторијата на „Ролинг стоун“ се прошири како шумски пожар меѓу најголемите медиуми во светот, вклучувајќи ги „Дејли мејл“, „Бизнис-инсајдер“, „Њузвик“.., од кои многумина се потпираат на дарежливоста на Фондацијата „Гејтс“, вели Кенеди додавајќи дека по неколку дена се покажало дека статијата е целосно лажна и дека во Оклахома немало случаи на граѓани што пиеле коњски дози „ивермектин“, наводно поттикнати од Џо Роган.
Кенеди посочува дека овие пропагандни тактики да се исмеваат граѓаните што барале спас во лекови, како „ивермектинот“ и „хидроксихлорокинот“, се засилиле во мандатот на претседателот Бајден. „’Вие не сте коњ. Не сте крава. Престанете. Сериозно’“, објави агенцијата за лекови ФДА на својата твитер-страница во август 2021 година. Белата куќа и Си-ен-ен исто така ги повикаа слушателите да избегнуваат ветеринарни производи. Центарот за заштита од болести му се придружи на хорот предупредувајќи ги Американците да не го ризикуваат своето здравје пиејќи ‘лек против црви за коњи’“, потсетува Кенеди, но додава дека на друг дел од својата интернет-страница Центарот ги повикувал „црните и темнокожите имигранти во САД“ да пијат „ивермектин“ пред да дојдат во САД. „Сите бегалци од Блискиот Исток, Азија, Северна Африка, Латинска Америка и Карибите треба да примат терапија со „ивермектин“, две дози од 200 милиграми на килограм, орално, еднаш дневно, во тек на два дена пред пристигнувањето во Соединетите Американски Држави“. Дали ова беше наменето за убивање црви или за спречување на ширењето на ковидот за време на патувањето во САД останува нејасно – вели Кенеди.
Исмевањето на критичарите на однесувањето на американските власти за време на пандемијата набргу се претвори во масовно бришење на нивните профили на социјалните мрежи, бришење статии и видеа и намалување на видливоста. Џо Роган можеби беше преголем залак за да биде избришан од интернетот, но голем број лекари, како Роберт Мелоун и Питер Мекелог, и активисти како Џуди Миковиц беа отстранети од социјалните мрежи паралелно со претседателот Трамп, кој се соочи со цензура по упадот во Конгресот во јануари 2021 година.

Според Кенеди, една од најголемите злоупотреби на пандемијата е точно во желбата да се стави голем дел од општеството под тоталитарна контрола. Во својата книга Роберт Кенеди опишува вознемирувачка низа испреплетени финансиски, разузнавачки и политички интереси во неколку неодамнешни здравствени кризи, како што беа нападите со антракс во САД во 2001 година, птичјиот грип, па дури и улогата на Фаучи во менаџирањето на сидата. Во сите овие случаи Кенеди опишува како се носеле навидум нелогични одлуки, кои воделе кон екстремно трошење државни средства за фармацевтската индустрија, а на политички план – намалување на правата и слободите.
Во книгата се опишани серија состаноци – практично воени вежби – во кои високи политичари и здравствени функционери разгледувале како населението ќе се однесува во услови на епидемија и колкави ограничувања во економската сфера, во политичката слобода и во приватниот живот граѓаните ќе бидат подготвени да прифатат. Една од овие вежби била наречена „Настанот 201“ и се одржала непосредно пред пандемијата во октомври 2019 година, под покровителство на Бил Гејтс.
По наредба на Гејтс учесниците играа улоги на членови на Советот за контрола на пандемијата, воени игри во услови на зараза, која служеше како изговор за напад против американската демократија. Тие вежбаа серија техники на психолошка војна за контрола на официјалните наративи, замолчување на сите несогласувања, насилно принудување големи популации да користат маски и искористување на пандемијата за промовирање задолжителна масовна вакцинација. Непотребно е да се каже дека малку се зборуваше за градење или зајакнување на природниот имунолошки систем или за користење на веќе постојните лекови и терапевтските средства и витамини што не се патентирани. Наместо тоа, на вежбата имаше изобилство разговори за проширување на авторитарните овластувања на владата, наметнување драконски ограничувања, ограничување на традиционалните граѓански права, што може да вклучува права на собирање, слобода на говор, приватна сопственост, судења со порота, правично судење и слобода на вероисповедта, како и промовирање и принудување на употреба на нови, патентирани, антивирусни лекови и вакцини. Учесниците испитаа низа замислени сценарија за глобална зараза од коронавирус и се фокусираа на сеење страв, општа цензура, масовна пропаганда и стратегии на полициска држава, што кулминираа со задолжителна масовна вакцинација – пишува Кенеди.

Учесници на вежбата биле претставници на Светската банка, Светскиот економски форум, Центарот за население при Универзитетот „Џонс Хопкинс“, здравствените власти, кинески претставници и претставници на американското разузнавање, вклучително и ЦИА. „Оваа вежба беше најблиску што дојдовме до реална ситуација и се одржа во време кога веќе паднаа првите жртви во Вухан. Симулираната верзија на настаните на Гејтс беше многу посериозна од реалноста – во вежбата се предвидуваа 65 милиони жртви во текот на 18 месеци и светски економски колапс, кој ќе трае цела деценија. Во споредба со вежбата на Гејтс, вистинскиот настан беше своевиден ќор-фишек со речиси 2,5 милиони жртви, бројка што е секако надуена“, пишува Кенеди.
Кенеди опишува низа претходни такви вежби како Настанот 201, под шифрирани имиња Темна Зима, Глобален Меркур и Атланска Бура, на кои се испитувале сценарија со светска пандемија. На некои од нив учествувале високи државни претставници како Медлин Олбрајт и директорот на Светската Здравствена Организација Гро Харлем Брутланд. „Секоја проба завршуваше со истата мрачна поента: глобалната пандемија е изговор за оправдување на наметнувањето на тиранијата и принудната вакцинација. Повторувањето на овие вежби сугерира дека тие служат како еден вид проба или тренинг вежба за основна агенда за координирање на глобалното демонтирање на демократското владеење“, вели Кенеди, обвинувајќи го американскиот државен врв дека барал причина за држење на населението во состојба на страв откако војната против исламскиот екстремизам стана непопуларна. Според Кенеди, Бил Гејтс е автор на идејата да се искористат светските епидемии како начин за контролирање на граѓаните.

Во 2010 година, Бил Гејтс го одржа својот говор за Деценијата на вакцини во Обединетите Нации и биобезбедноста – војната против микробите – веќе ја засенуваше Војната против исламскиот тероризам како посакуван двигател на картелот на безбедносната држава. Неколку дена подоцна, Питер Шварц напиша извештај за сценарио финансирано од Фондацијата Рокфелер насловен „Сценарија за иднината на технологијата и меѓународниот развој“. Делот наречен „Рамо до рамо“ го зајакна растечкото уверување дека само ригидна глобална тиранија е лек за заразните болести. Застрашувачкиот документ на Шварц предвидува дека граѓаните, преплашени од бактерии и оркестрираната пропаганда, доброволно ќе се откажат од своите граѓански и уставни права. Населението, предвидува Шварц, нема да почне да се бунтува против новата тиранија и авторитарните репресии во првите десет години, обвинува Кенеди, велејќи дека овие подготовки биле ставени на сила во 2012 година, со појавата на епидемијата на коронавирусот МЕРС, а кулминирале со државниот одговор на пандемијата Ковид-19.

Во првите месеци од епидемијата, мирниот, авторитативен и пријателски пристап на доктор Фаучи беше како апче за смирување за Американците кои беа притиснати од две егзистенцијални кризи: претседателството на Трамп и Ковид-19. Демократите и идеалистичките либерали низ целиот свет, истрауматизирани од хаотичниот стил на владеење на претседателот Трамп, се охрабрија од успокојувачкото, стамено присуство на доктор Фаучи на подиумот во Белата Куќа. Се чинеше дека тој нуди рационална, отворена, научно базирана противтежа на небрежната, нарцисоидна помпезност на претседателот Трамп. Пловејќи низ опасните води помеѓу непредвидливиот претседател и смртоносната зараза, доктор Фаучи првично се претставуваше како херојска фигура, како Хомеровиот Одисеј кој го управува својот брод помеѓу карпестите Сцили и Харибди. Американците му поверуваа, се фатија за веслата и слепо ги слушаа неговите наредби – но малкумина сфатија дека ја туркаме земјата кон пусто одредиште каде што демократијата оди да умре, пишува Кенеди во својата книга посветена на доктор Фаучи и на одговорот на пандемијата Ковид-19.
Фото: архива




