Белгија е подготвена да разгледа можност Украина да ги користи замрзнатите руски средства, но бара ризикот од таквата одлука да го преземат заеднички сите земји членки на ЕУ.

„Белгија не може сама да го преземе ризикот да мора по 10 или 15 години да ги враќа тие средства на Русија“, изјави белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево при посетата на Киев.

Во ЕУ се замрзнати околу 210 милијарди евра руски имот, а најголемиот дел од средствата се наоѓаат во белгискиот депозитар за хартии од вредност „Еуроклир“.

Белгија минатата година се спротивстави на конфискација на рускиот имот и негово доделување на Украина, барајќи од земјите на ЕУ да ги споделат финансиските и правните ризици.

Прево појасни дека таков механизам на солидарност во Унијата досега не е воспоставен, нагласувајќи дека и други држави-членки ги препознале ризиците и не сакале да ги преземат.

Тој истакна дека не слабее поддршката на Белгија за Украина, но оти пред каква било одлука мора да се решат ризиците за белгискиот буџет и за стабилноста на европскиот финансиски систем.

Според белгискиот министер, експертите предупредиле на значителни системски ризици за европските финансиски пазари доколку се искористат замрзнатите руски средства.