Масовната миграција е една од најголемите закани за внатрешната безбедност на секоја земја, оцени денеска чешкиот министер за надворешни работи Петр Мацинка, нагласувајќи дека Скопје и Прага имаат сличен пристап кон тоа прашање.

Мацинка на заедничката прес-конференција во Охрид со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Охрид истакна дека миграцијата е проблем што ја погоди Европа, при што Чешка, како што рече, има стриктен став кон справувањето со овој предизвик.

„Ние гледаме исто на тоа дека проблематиката на масовната миграција е една од најголемите закани за внатрешната безбедност на секоја земја. Тоа не е нешто природно и драго ми е што Македонија во суштина пристапува кон ова прашање на сличен начин“, рече Мацинка.

Тој нагласи дека земјава е меѓу државите кои се погодени или можат да бидат погодени од миграциските текови, поради што е потребна меѓусебна соработка.

„Затоа е потребно да се познаваме меѓусебно и да соработуваме, бидејќи тоа не е само прашање на Македонија, туку е прашање и на цела Европа, а со тоа и на Чешката Република“, рече чешкиот министер.

Мацинка додаде дека чешки полицајци и други службеници веќе биле вклучени во активности во регионот, што според него, претставува дел од соработката во справувањето со миграцискиот предизвик. (МИА)