Заклучно со 18 август, според последните податоци на ИЈЗ, во земјата се регистрирани вкупно 38 случаи на западнонилска треска – 36 потврдени и два веројатни, од кои 37 во Скопскиот Регион, а еден од Велес. Регистрирани се четири смртни случаи со невроинвазивна форма на болеста. Станува збор за машки лица на возраст од 62 до 83 години од Скопје, кои биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болети во Скопје. Кај три починати лица биле регистрирани коморбидитети – беше соопштено на денешната прес-конференција во Министерството за здравство.
Од регистрираните случаи – 38, 28 се машки, а 10 се женски.
Во изминатата недела, од 12 до 18 август, пријавени се 12 нови случаи, вклучувајќи три нови смртни исходи.
По прогласувањето епидемија на западнонилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел, се преземаат мерки за контрола на комарците.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат – ДСЗИ спроведе контрола на активности за дезинсекција во сите општини. Продолжуваат систематските и вонредните (по епидемиолошка индикација) активности за ларвицидна и адултицидна дезинсекција – авионска и терестичка – на територијата на град Скопје и општините Гази Баба, Кисела Вода (населбата Драчево), Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец, Сопиште, Чучер Сандево и Велес. Заклучно со 14 август 2026 година спроведени се повеќе циклуси на третман, вклучително и дополнителни интервенции на застоени водни површини во засегнатите подрачја.
Почната е кампања за СМС-информирање на граѓаните.
– Со цел граѓаните од засегнатите подрачја навремено да добијат совети за лична заштита од убоди на комарци, во тек е масовна СМС-кампања за информирање на населението. Кампањата опфаќа испраќање вкупно 38.500 пораки до граѓаните во засегнатите општини. Вчера (18 август), испратени се 6.526 пораки – испраќањето почна во општина Петровец (1.554 пораки), а потоа продолжи во општина Гази Баба. На чекање за испраќање остануваат уште 31.365 пораки, кои постепено ќе бидат доставени до граѓаните во наредниот период. Досегашните резултати покажуваат висок степен на ангажираност – до 70 отсто од доставените пораки се прочитани од примачите и го посетиле линкот со дополнителни информации содржан во пораката – информираа надлежните.
Апелираат до граѓаните да се спроведуваат и почитуваат дадените препораки.
– Отстранете застоена вода од дворот (чиничиња од саксии, стари гуми, канти) и редовно чистете ги олуците. Поставете заштитни мрежи на прозорците и вратите. Избегнувајте престој надвор во зори и на самрак кога комарците се најактивни. Носете облека со долги ракави и панталони и користете репеленти. При појава на симптоми – висока температура, главоболка, вкочанетост на вратот и слично, веднаш побарајте лекарска помош и известете го докторот за евентуален престој во засегнатите подрачја – се советите од надлежните.
Министерството за здравство продолжува со засилени активности за информирање и заштита на населението во општините зафатени со зголемено присуство на случаи на западнонилска треска, паралелно со редовните мерки за контрола на популацијата на комарци.
– Мислам дека правиме максимум што можеме. Одговорно тврдам дека сите мерки се презеле, се преземаат и ќе се преземат понатаму – потенцира министерот за здравство, Сашо Клековски.
Министерот најави за петок состанок со надлежните за застоените води.
– Едно лице со западнонилска треска во државата е на возраст од 20 до 29 години – потврди доктор Марија Гочевска од Институт за јавно здравје одговарајќи на новинарско прашање.
Гочевска рече дека досега сезонава нема регистрирано деца со западнонилска треска.
Од Министерството за здравство потенцираа дека ќе продолжат редовно да ја информираат јавноста за епидемиолошката состојба и за преземените превентивни активности. (МИА)




